Ветувања проект до проект… „Во Скопје ќе направиме ова, па ќе направиме она..“, „За шест месеци… до крајот на мандатот…ќе ги решиме долготрајните проблеми…“ Во ваков стил, со категорични ветувања дека ќе биде направено во главниот град, изобилуваше Програмата за работа на Владата од 2017 – 2021 година. Беа наведени многу, многу, работи и зафати со кои требаше да се подобри живеењето во метрополата. Од СДСМ уверуваа и дека биле озбезбедени парични средства што значеше дека објектите брзо ќе почнат да се градат. Но, сега, по тригодишното спроведување на Владината програма излезе дека не е така.
Излезе дека од она што беше наведено во „списокот“ многу малку или речиси ништо не е направено во Скопје. Зошто е така? Одговор нема, ама сега тече нова кампања и течат како река нови ветувања. Нормално, скопјани се разочарани што Скопје не го доби ветеното.
-Пред три години слушав и читав што се се планира дека ќе биде направено во Скопје од страна на Владата и се надевав дека ќе биде така. Имаше многу работи кои му се потребни што побрзо да се направат во градот. Но, сега не ги гледам дека се направени. Се е закочено или многу бавно се прави. Трите години како залудно да пропаднаа, ни вели скопјанеацот Илија Арсовски.
Полна беше програмата
За да се види колку овој граѓанин е во право, доволно е да се види што се содржеше четиригодишната Програмата за работа на Владата која беше извлечена од партиската програма на СДСМ за изборите во 2016 година. Во неа имаше куп ветувања за проекти за млади, за сообраќај, против загадувањето на воздухот…Така, на пример, се гарантираше дека веќе во први шест месеци кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе се изгради студентски град- со модерни архитектонски решенија, спортски сали, читални, библиотеки, кино – сали , фитнес центри. Се гарантираше дека ќе се заврши и универзитетски комплекс „Мајка Тереза“… Но, ниту тогаш ниту досега новиот студентски град не се направи. Домот „Стив Наумов“ и натаму пропаѓа заради неодржување, а во “Гоце Делчев“ единствено се реконструираат павиљоните. Неуредениот двор за кој беше најавено дека ќе се реконструира си остана неуреден.
На скопјани им беше најавено дека ќе се реши градскиот јавен превоз. Прво се вети класичен трамвај на шини што би чинел од 130 – 150 милиони евра, а потоа изборот падна на „брз автобуски транспорт“ за кој Владата требаше да обезбеди 100 милиони евра. Но, овој проект веќе не се спомнува. Се направи задолжување од 10 милиони евра со кои се купија 33 автобуси на гас кои никако да почнат да возат по градот бидејќи се нема пари да се плати ДДВ за пристигнатите автобуси!?
Ја нема ниту гасификацијата за која се гарантираше дека ќе биде завршена, па дури и дека „гасот ќе стаса до секој дом“. Гасоводниот прстен околу Скопје се заврши но оттаму гасот никако да тргне до граѓаните. Наместо цевки во домовите на граѓаните влегуваат разлики и дилеми: градската власт сака гасификацијата да ја водат локалните власти, државната тоа да се прави преку јавно-приватно партнерство. Резултат: гасот го нема, а расправиите околу концептот на изведбата не се расчистени ни по три години.
-Се гледа јасно дека Владата не ги исполни дадените ветувања за она што ќе го направи во Скопје. Ако не се способни тоа да го направат тогаш и нека не ги даваат ветувањата. Вака, очигледно станува дека ветуваа само за да ги придобијат гласачите на изборите, смета скопјанката Бети Анева.
Многу гаранции, ама…
Ненаправени останаа и најголемиот дел од работите со кои се гарантираше дека загадувањето во главниот град ќе се намали и до 50 проценти до крајот на оваа година. Не се оствари приклучување на 10.000 домаќинства на парно греење, 20.000 домаќинства не ги променија старите нееколошки печки на дрва со поефикасни печки на дрва, 20.000 домаќинства не набавија инвертер клима уреди за затоплување, 10.000 домаќинства не ја подобрија енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства не се приклучија на гас… а што се ветуваше и со посебниот План за чист воздух.
На исполнување се уште чека изградбата на новиот Клинички центар, поликлиниките во скопските општини Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, отворање на Детска општа болница со ургентен центар. Ги нема ниту големите сообраќајни проекти кои се гарантираа со Програмата – подземен сообраќаен коридор во центарот на Скопје на потегот Влада – Комплекс банки, нова сообраќајница меѓу Кисела Вода со Аеродром на потег н. 11-ти октомври – ф-ка Раде Кончар, новиот пат Сопиште – Усје – бул. „Борис Трајковски“, регионален пат Кондово – Радуша, поврзување на Матка директно со автопат Скопје – Тетово… Го нема ниту автопат Скопје – Блаце (граница со Косово), реконструкција на регионален пат Драчево – Орешани – Таор и регионален пат Драчево – Јурумлери…
Сега не се спомнува ниту проект за приградски патнички железнички сообраќај околу Скопје, ниту електрификацијата на пругите на подрачјето на градот…
– Ниту ги исполнија ветувањата кон градот Скопје, ниту некогаш ќе ги исполнат, тоа јас го гарантирам. Ниту трамвајот некогаш ќе се направи ниту нешто друго. Сите тие ветувања што се дадени се само за плакнење на очите. Само лични интереси гледаат, смета скопјанецот Марјан Конески.
Ништо не бидна со просечната плата од 30.000 денари
Не само на Скопје, Владата им е должна и на скопјани и тоа пред се во платите.
-Поминаа годините, ама јас не видов дека мојата плата се доближи до ветениот просек од 30.000 денари. Минималната малку се покачи, ама и таа не дојде до ветеното, ни вели Фиданка од Карпош.
За други скопјани е разочарувачко и тоа што во Скопје не влезе сериозна странска инвестиција која ќе отвори нови работни места.
Скопје ги чекаше, ама…
Што се требаше да добие Скопје од Владата, но не дочека да го добие:
о Нов студентски град
о Брз автобуски транспорт и трамвај
о Гас до домовите
о Нов клинички центар
о Детска болница со ургентен центар
о Чист воздух
о Подземна сообраќајница од Влада до Комплекс на банки
о Приградски патнички железнички сообраќај околу Скопје
о Санација на коритото на Вардар…