Владата препорача да се разрешат двајца директори на М-НАВ, предложи и нивни замени

Владата на седница го разгледува огромниот скандал со упадот и насилието во Контролата за летови. Засега е познато дека поранешниот директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба и воздухопловен инспектор Илир Мехмети е предложен за нов директор на М-НАВ и претседател на Управниот Одбор. Тој треба да дојде на местото на досегашниот директор Фахрудин Хамиди кој денеска владата предложи до Управниот одбор да биде разрешен.

На денешната владина седница Владата предложи и разрешување на вториот директор, Љубе Стаменковски, а на негово место е предложен Милан Кораќ, од секторот за воздухопловна техника во ова акционерско друштво во државна сопственост.

На денешната седница, на која како точка на дневен ред се најде состојбата во М-НАВ, не било предложено разрешување на членот на Управниот одбор и трет директор на М-НАВ, Хасим Деари.

Засега не е соопштено дали при носење на одлуката имало разногласие во Владата и како постапувале министрите кои доаѓаат од редовите на ДУИ.

Со предлогот за смена на Фахрудин Хамиди, најавениот штрајк на контролорите на летање за утре, се става во мирување.

Незадоволството коешто веќе подолго време трае во Македонска навигација, ескалираше по упадот во институцијата на 4 јануари, кога беа нападнати тројца вработени. Упадот следеше откако синдикатот на прес-конференција алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција немилиот настан го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.

Тасевски во изјава по настаните порача дека или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции.

Претходна вестОсум повредени во сударот меѓу полициско возило и автомобил кај Белановце
Следна вестМалo намалување на цените на дел од горива