Владата вистински штеди или само вистински огромни кредити зема?

Eнергетската криза, како и многу други работи претходно, ја изненади Владата. Таа сега почна да се растрчува за да го реши проблемот. Ама сега се е многу, многу поскапо.

Стотици и стотици милиони евра може да ја чини Македонија актуелната енергетска и кризата со храна и инфлацијата што се случува. Власта вели – така било во целиот свет. Светските медиуми покажуваа одамна дека други влади се растрчани многу поодамна – кога цените не беа страшни.

Во секој случај со милиони евра Владата веќе почнува да ги плаќа и ќе ги плаќа набавките на гас, струја, мазут, јаглен, субвенции за сметки за струја, за парно греење во Скопје… Како ќе успее во сето тоа?

Прашањето не е тешко. Деновиве Владата се задолжи со издавање на обврзница од 250 милиони евра на германскиот финансиски пазар, претходно позајми 50 милиони евра од една комерцијална банка, што значи дека потребните милиони евра се обезбедуваат со задолжување. 

А дали се штеди вистински од страна на Владата или само вистински ја задолжува Македонија? 

Јасно е дека во кризните времиња штедењето е еден од подобрите начини да се ублажат последиците од непредвидливата економска иднина. А со оглед на тоа со колкави средства располагаат, државата, односно, Владата, се најповикани да ги направат таквите заштеди. Се прави ли така?

Премиерот Димитар Ковачевски завчера објави дека во име на штедењето веќе нема да има набавки на морски плодови и други егзотични јадења во владиниот ресторан. Со тоа ќе се заштеделе 20.000 евра. Но, јавноста и натаму е сведок на непотребни трошења, на набавки на канцелариски мебел, на службени автомобили, репрезентации, службени патувања за кој треба и за кој не треба, пијалоци, ручеци, прослави на најразлични годишнини…

Сепак, најголемиот трошок го прави државната управа, министерствата, разните директорати… Што станува со нивната рационализација? Навистина ли имаме потреба од толку министерства, од 132.000 вработени во јавниот сектор? За потребата од рационализација во оваа област постојано се збори. но никако и да се направат конкретни чекори со штедењето. Наместо тоа, постојано се слушаат вести како во одредени државни и локални служби се вработиле нови и нови лица иако тоа не било потребно.

Владата се фали дека знае да решава кризи. Да се земе кредит и да се купува скапи работи знае и може секој, особено ако парите од кредитите треба да ги враќа народот, а не тој што ги зема…

Претходна вестСтанавме квази држава без однос кон македонскиот јазик!
Следна вестХаваријата на дел од каналот не ја загрози работата на ХЕЦ „Врбен“