Хаваријата на дел од каналот не ја загрози работата на ХЕЦ „Врбен“

Лизгање на теренот како последица од интензивните врнежи од дожд е причина за оштетување на каналот со кој се доведува водата до хидроелектраната „Врбен“. Ова денеска го соопштија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) откако во јавноста се појавија снимки од истекувањето на водата.

-На доводот Горна Радика, поточно Речки Канал, како последица на интензивните врнежи во последните неколку дена, се случила појава на лизгање на теренот и оштетување на дел од каналот, при што дел од водата се излева надвор од доводот. Наши стручни лица се на терен и се преземаат сите мерки околу санирање на оштетениот дел од каналот, кој во преостанатиот дел е во функција и непречено ги носи водите до ХЕ „Врбен“, се вели во во соопштението од ЕСМ.

Од УХМР утрово соопштија дека во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Маврово, 11 литри на метар квадратен.

На вчерашната собраниска седница пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, го праша премиерот Димитар Ковачевски дали чувствува одговорност за хаваријата на доводниот цевковод на Хидроелектраната „Врбен“ која е дел од мавровскиот систем, но на ова прашање премиерот рече дека ќе одговори писмено.

Хидроелектричната централа „Врбен“ е сместена во близина на селото Врбен и е дел од ХС „Маврово“, заедно со ХЕЦ „Вруток“ и ХЕЦ „Равен“. ХЕЦ „Врбен“ е најоддалечена од трите хидроелектрани на системот и претставува проточна хидроелектрана.

Претходна вестВладата вистински штеди или само вистински огромни кредити зема?
Следна вестЖичарница со ново работно време, јавниот превоз в недела со изменет режим поради маратонот