Очекувам и од Вселенската патријаршија да добиеме Томос, но ако во тој Томос има условувања со зборот „македонска“ во МПЦ-ОА, тоа за мене нема да биде прифатливо, изјави митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Тој објаснува дека во комуникацијата со елинските цркви нема да може да се користи името МПЦ-ОА, па токму за таа цел е формирана Комисија за разгледување на ова прашање.
– Агендата на оваа Комисија е прво да го проучи случајот со Украинската православна црква која доби Томос од Вселенската патријаршија, иако е непризната од Руската православна црква, вели владиката Петар и додава дека МПЦ е под притисок да го признае постоењето на Украинската православна црква.
Владиката Петар вели дека настојувањата за признавање доаѓаат од Вселенската патријаршија иако од МПЦ при првото сослужување со патријархот Вартоломеј било побарано да нема претставници од таа црква што било и испочитувано.
За владиката Петар е беспредметно условувањето на томосот за МПЦ со признавање на Украинската православна црква. Тој вели дека условувањата дошле подоцна, по заедничкото сослужување.
– Немаме никаква дискустија дека ние имаме синодален документ од Вселенската патријаршија за заедничко сослужување во кој има три услова. Едниот услов е да го користиме името Охридска архиепископија во секоја комуникација со другите помесни православни цркви. Ние сме се изјасниле како архиереи дека тоа не може да важи на територијата на Македонија, вели владиката Петар потврдувајќи дека не се откажуваат од името МПЦ-ОА по ниедна цена, но прифатливо е и името Јустинијана прима.
Практично МПЦ-ОА е на ставот дека треба да има двојна формула за употребата името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Вториот услов, вели владиката Петар, е дека не смее да се употребува името ни за внатрешна употреба, а јурисдикцијата на црквата, според третиот услов, се ограничува само на територијата на Република Северна Македонија, но не и во дијаспората.
– Каде настанаа проблемите? Кога не се продолжија разговорите меѓу нашата Комисија со Комисијата на Цариградската патријаршија. Главниот човек одговорен што Цариградската патријаршија ни ги прави тие условувања е епископот Партениј од Бигорскиот манастир, кој ја советува Цариградската патријаршија дека името МПЦ е национализам. Но, Партениј не е дел од Комисијата и преговорите и неговото мислење нема тежина со Синодот на архиереите на МПЦ-ОА, вели митрополитот Петар.
Владиката вели дека во однос на проблемот со Украинската православна црква е компликуван и дека за нејзиното признавање од наша страна е потребно да се разреши спорот помеѓу Руската православна црква, Московска патријаршија, под чија јурисдикција е формирана, и Цариградската патријаршија која ѝ додели томос за автокефалија.