Владика Пимен: Условите за конечниот Томос од Вселенската патријаршија ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста

Од Вселенската патријаршија усно се спомнуваат неколку услови за издавање на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА кои не се страшни за исполнување, вели Европскиот митрополит Пимен. Во божикното интервју за весникот „Вечер“ тој додава дека Томосот кој е добиен од страна на Српската православна црква е препорака и претставува половина од изодениот пат на нашата Црква кон автокефалноста. Конечниот Томос, според него, треба да го даде Вселенската патријаршија.

-Веќе неколку децении наназад, а можеби и повеќе, во православниот свет опстојуваат два концепта за стигање до автокефален статус. Еден е Цариградскиот, кој стои на старото правило дека конечниот Томос треба да го даде првата по чест патријаршија, и вториот кој полека, но сигурно го наметнува Москва е дека тоа треба да го стори мајката црква, односно црквата која последна имала јурисдикција над црквата, која се бори за автокефалност. Митрополитот Јован говореше за првиот концепт и со право го потенцираше немањето право тоа да го стори СПЦ. Ние им благодариме на СПЦ за пружената рака, за прекинот на изолацијата преку сè почестите сослужувања, за надминатите децениски недоразбирања и за писмената препорака до целиот православен свет да го прифати нашето афтокефално постоење, односно документот кој тие го нарекоа Томос. Но не треба тука да се застане. И покрај разногласието во Синодот на МПЦ- ОА, јас верувам дека до добивањето на конечниот Томос од Вселенската патријаршија никогаш нема да престане дијалогот со Цариград, бидејќи не би требало да бидеме задоволни со половични решенија. Но, ќе треба многу време за да се соберат сите расфрлени пердуви во јавноста за „непристојните предлози“ од страна на Цариград за крадење на дијаспората, за откажување од вековното име…, вели митрополит Пимен.

На прашањето дали постојат затскриени условувачки клаузули од страна на Вселенската патријаршија кои допрва Синодот треба да ги испорача тој одговори дека условите не се тешки.

-Никогаш не е прекинат дијалогот со Вселенската патријаршија и нема да се прекине. Засега усно се спомнуваат 2-3 услова за доаѓање до конечно решение, кои ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста и ги напумпа во обидите да се створи раскол и да се дискредитираат некои личности од МПЦ. Колку помалку теории на заговор за наше исчезнување, толку понестрашни клаузули и толку побрзо до конечен Томос, потенцира овој владика.

Претходна вестКуче изело 4.000 долари што ги нашло во плик
Следна вестОбвинителството ќе поднесе жалба до судот бидејќи не им одреди притвор на насилниците кои упаднаа во М-НАВ