Власта да го одложи рокот кој го наметна за промена на личните документи

Рокот за замената на документите треба да се одложи со оглед на тоа дека и грчката страна не ги исполнува своите обврски. Односно, документите треба да се менуваат како што им истекуваат роковите, смета Македонка Икономова

Поставувањето на разни ултиматуми кон граѓаните на Македонија и стана неретка навика на власта. Те Устав морало да се смени, те морале регистарските таблички да се сменат… и еве сега најнов ултиматум е до почетокот на 2024 година да се сменат личните документи. Во личните карти и пасошите морало да го има омилениот збор на Владата – „Северна“.

И „згора на тога“ што би рекол Заев, беше и соопштено дека новите документи ќе бидат поскапи отколку до сега. Јавноста силно негодува поради сето тоа на социјалните мрежи. Многумина велат дека нема да го послушаат ултиматумот и документи ќе менуваат кога ќе им дојде редовниот термин, а и велат дека ЕУ не исполнила никакви ветувања – зошто мора Македонија да брза.

-Рокот за замената на документите треба да се одложи со оглед на тоа дека и грчката страна не ги исполнува своите обврски. Односно, документите треба да се менуваат како што им истекуваат роковите. Вака, ова ќе биде удар за семејните буџети. Всушност, државата е таа што треба да ја плати промената, граѓаните доволно плаќаат даноци па може да се пренамени дел од тие средства, смета Македонка Икономова.

Замената на лична карта ќе чини 310 денари, наместо 190 денари колку што изнесуваше услугата претходно. Лицата над 27 години за замена на пасош сега ќе плаќаат 2.000 денари во редовна процедура, наместо претходните 1.500 денари…

Инаку, рокот за замена е ставен во фамозниот Преспански договор и предвидува во период од пет години, од почеток на важењето на Договорот, да се изврши замена со која на личните документи ќе го има новото-наметнато име на нашата држава. Во Договорот, инаку, е предвиден и „политичкиот“ преоден период кој се однесува на сите документи и материјали коишто се за внатрешна употреба и чие издавање ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. Но, тоа веќе никој не го споменува… а отворање на поглавја има само во министерските сништа.

Властите сепак решија да не чекаат ни ден повеќе, да не одложуваат – како што своите обврски кон Македонија ги одложува ЕУ. А тоа значи дека граѓаните ќе мора да се изложуваат на чекања на термини, на губење време во гужвите, на плаќања од свој семеен буџет за нови документи, на понижувања дека друг им кажал какви ќе им се документите, на… иако старите документи се уште им се важечки.

Мора ли граѓаните да се условуваат со рокот за замената и мора ли замената да падне на нивниот трошок?

-Не се согласувам со тој рок што го бараат властодршците, туку промената треба да биде неограничена. Не се согласувам ниту трошковите да ги платам, ни рече Нада Гелевска.

На потег е Владата. Дали не е подобро наметнатата обврска да се пролонгира барем уште две – три години кога многу работи ќе се појасни. Воедно ќе се остави работата на постепено менување на документите како што нивните рокови на важење истекнуваат, впрочем дел од личните документи така се веќе сменети. Воедно, МВР да ги намали цените, за да не се случи граѓани да немаат лични документи поради сиромаштијата. За понижувањето дека други ни кажаа (а власта прифати) како треба да ни изгледаат личните документи – Владата не е за очекување дека сака да помогне.

Да се менуваат документите по истекот на важноста

Надлежните да ја разгледаат трезвено ситуацијата и барањето на граѓаните. Зошто не се обидат да овозможат менување на документите како што им истекува определената важност? На тој начин ќе им се олесни закажувањето на термините, но и ќе се заштитат семејните буџети. Дотогаш, сигурно, ќе се расчистат и дилемите и роковите околу приемот на земјава во ЕУ, а за кои сега е неизвесно колку ќе траат.

-Навистина не ми е јасно зошто треба со сила да ги смениме личните документи додека имаат рок на важење. Да не се чудиме тогаш зошто се празни државата и зошто младите бегаат, ни рече граѓанинот Јашар Јаско.

Претходна вестМакедонија прокоцка предност од два гола и загуби од Украина
Следна вестВремето денеска врнежливо и постудено