Одбројувањето до изборите започна. Се формира техничка Влада, новиот премиер си прославуваше на сите страни, почна да се отвораат партиските штабови, се слушаат ветувања, ама и обвинувања. Власта како веднаш да наметна и нова поделба меѓу граѓаните?
Доскорешниот премиер Димитар Ковачевски веќе најави дека граѓаните сега ќе избираат „меѓу Запад и Исток“. Потребно ли е форсирање на нова поделба, особено ако за тоа нема основ? Македонската историја, впрочем, има горчливи искуства со поделбите меѓу македонскиот народ, но тоа најчесто беше предизвикувано од надвор.
Дали на власта не и преостана ништо друго освен во својата кампања, во ударниот дел од убедувањето на граѓаните да гласаат за неа, да кажува: „Ние сме за Западот, ние сме за ЕУ, опозицијата не е за ЕУ, не е за НАТО, тие се тоталитаризам каков има на Истокот“? Ова ли им е стратегијата за да дојдат до победа? Нема да биде за првпат во македонската изборна историја таа да е полна со поделби преку најразлични „филства“, преку „патриоти“, „предавници“… и која сега се надополнува со „Истокот и Западот“. Но, граѓаните не сакаат така да бидат делени.
-Ова е една необмислена изјава која внесува поделби меѓу граѓаните. Такво нешто не му се случува попрвпат на доскорешниот премиер. Мислам дека на изборите нема да успеат да има таква поделба бидејќи народот е веќе освестен. Нема да биде најважно кој е на која страна туку решавачко ќе биде во кој ќе гледаме просперитетот на државата и на граѓаните, ни вели Бранко Поповски.
Прво отчет, потоа се друго
А кога власта ќе го даде отчетот за сработеното, со исполнувањето на бројните изборни ветувања дадени пред четири години? Тоа сакаат да слушнат граѓаните на Македонија, а не страните на светот да ги учат.
– Тие требаше уште порано да дадат отчет за се што ветија и од ветеното што сработиле. И да кажат колку буџетски пари се има потрошено и во кои цели, смета граѓанинот Ставре Бојковиќ.
Прашање е дали Ковачевски ќе зборува за отчетот, како што е прашање и дали е свесен за тоа колку длабока поделба може да предизвика со она што тргна да го зборува. Зарем ќе се прави процеп, провалија меѓу македонските граѓаните какви всушност нема, а навистина ги има на светската политичка сцена во овој момент меѓу Истокот и Западот?
Во нормални демократии се судираат партии со своите идеи од „левицата“, од „десницата“, од „центарот“… Секои со свои програми за иднина, но и со отчети за тоа што е направено. Зошто, тогаш, јавноста и граѓаните веќе сега не го слушаат отчетот на власта за тоа што е направено?
Па јавно да се каже кога и со колку дополнитлени милиони евра ќе се заврши автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, што е со ветувањето за реконструкцијата и изградба на патишта во должина од над 1.000 километри, што е со гасоводот до Битола, со пругата кон Бугарија, со изградба на Универзитетски клинички центар, со болниците во Штип и во Кичево, со отворање на 6 нови гранични премини, изградба на 14 затворени пливачки базени, реконструкција на студентски домови, парно греење за Чаир, Бутел, Скопје Север, гасоводот Скопје – Тетово- Гостивар…, па се до ветувањето дека ќе се легализира употребата на биткоини и на други крипто-валути.
Зорица Атанасовска – Јанеска смеат дека отчетот требаше да биде поднесен.
-Апсолутно требаше да биде поднесен. Ковачевски, Заев, Шекеринска … избегаа од одговорноста, а посебно Заев. Истото важи и за претходните кои јасно и гласно треба да се оградат од Груевски, Мијалков… . Инаку, било чија политичка кампања со обид да добие политички поени врз идеолошка, политичка, етничка, класна, религиска… поделба на граѓаните, однапред е изгубена битка за државата и зад себе остава пустош, укажува таа.
Програми и проекти на виделина
Значи, граѓаните бараат во наредниот период да се случи поделба врз основа на политичките програми, врз основа на проекти коишто ќе се нудат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, а не преку измислени поделби по идеолошки и други „сомнителни“ критериуми. Тоа треба да доминира во овој период за да се има доволно време граѓаните да оценат која програма е подобра и реално остварлива.
-Потребно е да ги изнесат програмите и проектите кои треба да ги спроведат доколку дојдат на власт како би ја стекнале довербата на граѓаните, потенцира граѓанинот Бојковиќ.
Ова, секако, важи и за власта, но и за опозицијата која, исто така, треба да даде одговори пред денот на изборите.
-Не треба да се има дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за влез во ЕУ, но треба на предизборните митинзи да објасни како тоа планира да го направи. Тие секогаш имале програма и отчет, ни вели граѓанинот Ѓоше Кајмаковски.
Наредните стотина дена ќе покажат кон што ќе одат македонските партии. Кон уште подлабоки поделби на општеството или кон нормално и здраво демократско вреднување на она што ќе се нуди како изборни ветувања. Граѓаните ќе треба добро да проценат кој за што е.
СДСМ цврсто ли е за Западот?
-Поделбите Исток – Запад што ги форсираат од СДСМ се површни и неаргументирани. Најдобро е таа тема воопшто сдсмовците да не ја отвораат, бидејќи ако се анализира посериозно, ќе се види дека има примери каде се гледа дека и нивната партија го минира патот кон ЕУ. Примери колку сакаш: од корупцијата, од мешање во судството, од непотизмот… Ова ако се разгледа би следело прашањето – СДСМ цврсто и сигурно ли е за Западот или…? А, тоа се непотребни дилеми, прават лажни поделби по тоа прашање… Затоа, не треба никој да си го зема ексклузивното право дека само тој е за Западот.
ВМРО-ДПМНЕ добро да објасни, како…
Опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери, кои убедливо водат во изборните анкети, жестоко ја критикуваат власта во сите изминати години. Тоа е вообичаено и сигурно и понатаму ќе го прави. Но, сега е време да почне да изнесува и планови за што ќе работи ако го добие мандатот. Како на патот до ЕУ, како ќе успее да смени нешто што власта прифати во Брисел, како ќе се справи со корупцијата, како ќе има нови инвестиции, како до повисок стандард, како… Ако се почне уште од сега граѓаните ќе имаат време да проценат дали тие работи се остварливи или не.