Власта дефинитивно да го одложи ултимативниот рок за промена на личните документи

Наметнатото решение од страна на власта дека граѓаните мора до февруари идната година да ги сменат личните документи уште е на сила. Велиме уште, затоа што јавноста одамна бара рокот да се пролонгира. Граѓаните наведуваат многу оправдани причини за тоа.

Но, власта е упорна дека во новите лични документи од февруари мора да го има омилемниот нивен збор „Северна“. Значи треба да се сменат личните карти, пасошите, возачките дозволи…

Сепак, очигледно е дека нешто мора да се направи, кога еве денеска ако побарате термин во МВР за промена на докуметите нема да добиете слободни термини пред февруари, туку се врши закажување за на лето. Утрово се јавивме на дежурните телофони во МВР и по мала упорност и време на чекање успеавме да добиеме одговор:

-За Скопје први слободни термини за менување на пасоши или на лични карти се во втора половина на јуни. Претходно нема. Други се термините доколку сакате да ги извадите по брза постапка, ни изјавија дежурните во службата за закажување.

И сега? Уште ли власта нема да го одложи ултиматумот сосе февруарскиот датум?

Ова јасно потврдува дека голем дел од македонските граѓани по февруари нема да има променети документи. Во август беше соопштено дека нови документи имаат околу милион граѓани, што значи дека променета треба да ја направат неколку стотици илјади граѓани. Тоа го поставува прашањето како овие граѓани ќе ги оставруваат своите секојдневни потреби кои бараат употреба на важечки лични документи?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 21 август изјави дека и по 12-ти февруари граѓаните ќе можат да ги користат личните документи со име Република Македонија и дека нема да има казни. Најави и дека проблемите со редиците во управните служби и зафатените телефони ќе бидат решавани.

Но, проблемот се зголемува бидејќи листите на чекање стануваат уште подолги особено во Скопје и други поголеми градови…

Зошто тогаш власта не го одложи терминот барем за уште една до две години? Во тој дополнителен период на многу од документите и онака ќе им престане важноста и фамилиите ќе си направат распоред и приоритет кој што треба да смени, оти сето тоа е прескапо ако се прави наеднаш… Промена на пасош чини 2000 денари, нова лична карта е 320 денари, а возачката 410 денари. Или за 4-члено семејство со еден возач и две малолетни деца, замената на документи ќе чини над 9 илјади денари или околу 150 евра.

Ова го повлекува и прашањето зошто граѓаните треба да го платат овој голем издаток од свој џеб. Народниот правобранител Насер Зибери неодамна беше категоричен во тоа дека таквата ставка не смее да има во семејните буџети.

 – Државата наметнува обврска, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, реагира Зибери.

Исто вака размислуваат и граѓаните: Во коментарите коишто ги оставуваат по социјални мрежи се категорични дека не треба да дават свои пари за тоа.

-Мене пасошот ми важи уште пет години. Зошто нов? Знаат ли тие дали имаме пари за нов? Кога сакаат така, треба без пари да ни направат, смета граѓанката Весна А.

Друга наведува дека што државата прифатила таков договор, тогаш треба и самата да плати за последиците.

-Ова треба државата да го плати, затоа што тие го сменија името, а не народот, вели Сузе Т.

Лазар П. укажува дека и во Преспанскиот договор заради кои и се прават промените било предвидено дека документите ќе се менуваат етапно.

-И во самиот договор стои дека промените на документите ќе е етапно, по отварањето на кластерите. Пример – кога ќе се отвори кластерот Образование, државата треба во период од пет години да ги промени документите поврзани со образованието… нашата влада уште првата година почна да дава свидетелства со новото име, а веднаш почнаа да издаваат и изводи од матичната книга на родени. А ние уште не сме отпочнале со преговорите. Се она што не е природно и од човечка рака направено, може и да се промени, порача тој.

А за понижувањето дека други од надвор ни кажаа (а власта прифати) како треба да ни изгледаат личните документи, ќе си остане траен белег на Владата. Што за тоа мислат граѓаните најверојатно ќе соопштат кога ќе има гласање.

Сега од МВР треба да кажат само едно – го одложуваме ултиматумот.

Инаку би требало да објаснат, дали македонски граѓанин кој не стасал да смени пасош до февруари – нема да може да ја напушти Македонија иако има патна исправа со важечки датум? Ако патувањата му се ускратат зарем тоа не е кршење на основно човеково право? Има и други дилеми…

Претходна вестИма ли неединство во СДСМ: Нејзин пратеник апелира до сопартијците да се држат заедно или ќе потонат заедно…
Следна вестТодор Гечевски е новиот спортски директор на КК „Работнички“