Власта сега ќе се задолжува и кај граѓаните, во јуни ќе издава Граѓанска обврзница за да собере 50 милиони евра

Издавање на Граѓанската обврзница во јуни – на износ од најмалку десет илјади денари и со рок на доспевање од две години и со која треба да се соберат околу 50 милиони евра, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој рече дека каматната стапка се уште не е утврдена.

– Целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидноста на Буџетот. Државата ќе ги намени парите за капитални проекти. Во оваа обврзница граѓаните ќе може да ги вложуваат своите заштеди, а каматата што ќе ја добијат ќе биде поголема од банкарската. Таа ќе биде меѓу каматните стапки на банкарските депозити и еврообврзницата, најави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Една граѓанска обврзница ќе биде со номинална вредност од 10.000 денари и тоа практично најмалиот износ во кој може да се инвестира.

-Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст. Граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг, посочи министерот.

Емитувањето граѓански обврзници, рече Бесими, ќе стане редовна практика на државата, така што и во наредните години тие ќе им бидат можност за инвестирање на граѓаните.

Претходна вестНашиот Калин „скокна“ 46 места на АТП листата
Следна вестГоривата поскапуваат од половина до еден денар по литар