Властите немилосрдно му ја дерат кожата на збунетиот и немоќен народ

Познатиот македонски поет и есеист Ефтим Клетников во интервју за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ смета дека Македонија денеска се соочува со бројни опасности…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

-Мислата за едно „смачкано племе“ (Б.Конески) со некогаш голема историска и културно-цивилизациска слава, кое во одделни периоди им давало светлина на цели народи, а некои од нив за тоа му вратиле со зло.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

-Ги има многу повеќе. Првин она БЈРМ, промената под притисок на знамето и Уставот за почеток, со што почна етапното уривање на идентитет од страна на меѓународните, балканските и домашните варвари. Потоа понижувачкиот капитулантски Охридски договор, па Бугарскиот, па Тиранската платформа на ЦИА, се до смртоносниот по македонски идентитет и воопшто постоење Преспански договор. И се без наш посериозен отпор. Кукавичлак врз кукавичлак, кој не донесе до денешната ситуација во која едно агресивно малцинство, со тазе терористичко досие завладеа со мнозинство и страшно го понижи и понижува. И пак без поголем или никаков отпор на Македонците.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

-Не. Ни трошка за да ја преживеат како врапчињата тешката зима на сиромаштијата. Напротив, тие крадат од тоа што го собираат и немилосрдно му ја дерат кожата на збунетиот и немоќен народ. Тоа е нешто, визуелно претставено, како на сликата „Страшниот суд“ на Микеланџело во Сикстина на која Свети Вартоломеј му ја покажува одраната кожа на Исус како знак на егзистенцијалната историска и метафизичка ситуација на чесниот невин човек, кој располага само со мартирското богатство на својот мазохистички исихазам во срцето на болката и илузијата за ветеното. Небесното царство, кое уште од прадамнина го очекувале прахристијаните, па ја пееле песната – химна „Господе, дојди што поскоро“. Ама Него се уште го нема. Се уште ги подготвува воените ангелски чети за Армагедон. А ние Македонците велиме : Армакедон. Боже мил, како да преболи и истрада се тоа, настрана од властољубивите идиоти!

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

-Не располагам со банка и капитал на тајкун (какви што ги има кај нас) за да и дадам нешто конкретно за парче леб и сол. Со неа целиот свој живот само ја делам сиромаштијата, изобилството од болка и тага за нејзината скрбна судбина. А највредното од таа сиромаштија што и го дадов, тоа е најубавото како дар што ми го дал Господ – Поезијата која ги откри и потврди вртоглавите и неспознајни длабочини на македонскиот јазикНајвредното на Македонија сепак и го даваат простосрдечните неинтелектуализирани луѓе од народот што се помалку ги има. Оти нивната чиста душа, дух и срце се вистинска есенција на нашиот иднетитет што е сега како Болен Дојчин на мртовечка постела.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

-Со нејзината подземна и надземна неопфатна и со димензиите на духот културно-цивилизациска слика. Со нејзината духовна енергија која експлодира како биг-бенгот по Втората светска војна што е некој вид и на планетарен духовен феномен. Не претерувам. Нашата поезија, сликарство и музика по таа катастрофа што го отклучи нашиот идентитет стојат, без сомнение, на светските хималајски височини. Факт повеќе дека за џабе не ништат и дека пепелта во која не ставаат е од атомите и квантите на птицата Феникс. Што значи, пак, дека таа вечно го памети и никогаш не го заборава Огнот што ни го гаснат.

Во каква Македонија сакате да живеете?

-Во Македонија без домашни изроди, идиоти и терористи во Владата. Во Македонија без смртоносната придавка Северна, без супрематија на агресивното малцинство што владее (единствен планетарен феномен) со збунетото и понижено мнозинство. Во Македонија без политичари полуинтелигентни и интелектуални инвалиди. Во Македонија без смртоносни по неа договори и платформи. Без Вашингтон и Брисел што го обновуваат на  најевидентен начин фашизмот врз нас. Во Македонија што е прекрасен дијамантски прстен на раката на Господ.

Претходна вестВладата нема план за борба против корона, обвинува ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестДо вчера 11.788 гласачи се провериле во избирачкиот список