Не смееме повеќе да го гледаме соживотот меѓу поединци од власта и урбанистичката мафија

Со Ангел Ситновски, архитект зборуваме за случувањата во сферата на урбанизмот, за бројните проблеми во Скопје во сферата на градежништвото…

Наскоро општините ќе ги добијат старо-нови раководства. Но проблемите во областа на урбанизмот се пак стари. Ревизијата на ДУП-овите не е завршена целосно, останаа недорешеност… Што да се прави во сферата на урбанизмот од страна на новите власти?

– Најопасни се предизборните денови, затоа што тогаш се случуваат најголемите криминални работи на инвеститорскиот урбанизам. И кога ќе се случат, ќе биде како и до сега, никој и никогаш нема да истражува ниту одговара како и што се случило. Нема ни после изборите спорните ДУП-ови да добијат расплет. Имаме многу институции, закони  но, барем се досега функционирало на база на корупција помеѓу таканаречените инвеститори, кои ги девастираат најдобрите локалитети во градот и чиновниците, задолжени да го спречат уништувањето на природната равнотежа на деловите од градот. Ни треба повторно формирање на градски и републички заводи за урбанизам, враќање на функцијата градски архитект – која нема да биде политичка и враќање на Министерството за архитектура и градежништво!

Дали новите власти треба да иницираат и некое пошироко преиспитување на урбанистичките планови, како на Генералниот урбанистички план, така и на другите ДУП-ови…

– Треба да иницираме јасни параметри во изготвувањето на плановите. Доколку постојат јасни параметри во Генералниот урбанистички план тогаш неговата имплементација на плановите од понизок ранг ќе се спроведува без можност за манипулација. Детални анализи, истражувања и пратења на имплементација на плановите имаат за последица контролирана густина. Тешко се предвидува густината доколку не се ограничи бројот на станбени единици на одредено подрачје и доколку со Генералниот урбанистички план не се одреди максималната површина која се согледува, а на која може да се направи упросечување ( на пример на еден хектар). Секако дека не можеме да го предвидиме бројот на жителите кои ќе користат еден стан за живеење со ниеден план, но тенденциите на современото живеење се да едно семејство живее во еден стан. Во плановите од понизок ред можно е освен бројот на станови да се контролира и структурата на станови како би се задоволиле потребите на сите заинтересирани групи. На тој начин би се контролирал и пазарот, а би била олеснета и контролата на поединечните проекти за кои се издава дозвола за градење и кога се работи за густината на населеност. Но, во нашиот урбанизам воглавно се остварувале желбите на приватните инвеститори.

Што би требало да сменат новите локални власти во однос на урбанистичко планирање, во однос на донесувањето на ДУП-овите и  слично…

– Новите локални власти би требало да се одлепат од идеите да го урбанизираат секој               празен простор во градот и се она што е пропуштено во изминатите децении. Треба да го градат идентитетот на градот на кој ќе бидат горди и сегашните и идните генерации. Новите локални власти би требало да бидат сервис на граѓаните, а не да бидат на страна на инвеститорите и да дозволуваат наплив на нетранспарентен капитал за градба. А и ние, граѓаните треба да се бориме новите политики и планови за градот да ги носиме оддолу.

Во овој предизборен период, во јули биле издадени одобренија за градба на скоро 2.000 станови, што претставува 3 до 4 пати повеќе од просечниот број на месечно ниво. Треба ли ова да се испита, да се забрани во иднина…

– Можеби, не ми се достапни сите податоци. Но факт е дека институциите не реагираат. Сето ова би го нарекол добро контролиран неред некаде од врвот, и потреба за брза заработка, за спрега меѓу алчноста на локалната власт и поединци. Не смееме повеќе да го гледаме соживотот меѓу поединци од власта и урбанистичката мафија. Треба да се испитаат сите сомнителни дозволи за градба. Ако не го кренеме својот глас, наскоро ќе останеме без вода и воздух, без храна и места по болниците. Ова не е мое субјективно чувство. Објективноста е дека за грст пари некој не убива во тишина.

Претходна вестУтре без струја повеќе делови на Скопје
Следна вестИма начин да се зауздаат брзите возачи