Има начин да се зауздаат брзите возачи

Колумна на Пеце Лозанов:

Најчест фактор за случувања на сообраќајни незгоди според МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата се: брзото возење и алкохолот, потоа би следувало, непочитување на правилото на првенство на минување, недржење страна и правец…. Не се согласувам целосно со овие наведени фактори, мислам дека го изоставуваме најважниот фактор: свеста, кај учесниците во сообраќајот, но најпрво да се вратиме кај брзото возење. 

Брзото возење кај нас веќе преминува во некој натпревар, докажување … Одреден процент од населението (особено младите) како да ги прифаќа ваквите возачи и овој начин на возење, несвесно или од незнаење за вистинските последици и ризици. На пример преку видео покажување на свои врсници, објавување на социјални мрежи (Тик Ток, Фејсбук, Инстаграм…) а ретко или дали воопшто некој сноси одговорност! А зошто овој начин на споделување информации не го промениме правецот? На пример, со објавувања за ризици и последици од брзото возење, на социјални мрежи, акции по училишта, исто така во авто-школите, доброволно-интервју со лица кои поминале затвор или издржуваат казна заради сообраќајни незгоди со фактор брзо возење т.е. возачи кои се каат за брзото возење – колку животот им се променил, што се случило после сообраќајната незгода.   

Сведоци бевме на дивеење со автомобили по плоштади (Скопје, Битола…), каде казните изнесуваат “кафе пари“ (битолски жаргон) според цената на возилата со кои се извршуваат овие прекршувања. А би требало, за овој прекршок казната да биде трајно одземање на возачка дозвола, испраќање лицето на психолог, дали тоа лице може да добие “дозвола“ (мислење) за повторно полагање т.е. лекарско уверение, запишување во автошкола ….. итн. (измени во Закон се неопходни). Натаму, најчесто брзото возење се случува во ноќните часови, зошто не се засилат контролите во вечерни часови или зошто МВР, одделението за сообраќај не делува со цивилни возила (не обележани), се обележуваат доколку има потреба со флешери и ротација. 

Според податоците кои се јавно достапни на ФБ-страницата на МВР, се извршуваат акции на државно ниво (еден ден не константно), при што се санкционираат навистина голем број на возачи за брзо возење. Но, дали некој води евиденција дали тие сторители го повторуваат делото, колку од возачите после казната го повториле делото? И зошто скоро никогаш не се казнуваат возачи на високи позиции во општеството, зарем тие возачи секогаш возат според правила и прописи? Каде се тие долго најавувани камери за полициски службеници, преку видео запис на секое прекршување на Закон!? 

Според мене фактор бр.1 секогаш ќе биде свеста кај сите учесници во сообраќајот. Еве и пример: Монако, најгусто населена држава во светот! На 100 000 жители има 0 загинати во сообраќајни незгоди во патниот сообраќај, додека пак граничување на брзина во населено место му е дури до 70км/ч …

Претходна вестНе смееме повеќе да го гледаме соживотот меѓу поединци од власта и урбанистичката мафија
Следна вестОд 1 декември нема веќе пластични кеси, еколошките од маркетите ќе чинат 15 денари