ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива и Левица бараат формирање на посебна комисија за справување со пандемијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Обнова на Македонија денеска заедно со останатите опозициски партии Алијанса и Алтернатива и Левица, поднесе предлог-закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка.

-Бараме формирање на посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19, којашто секојдневно се влошува, се наведува во партиското соопштение.

Во него се објаснува дека составот на комисијата на предлог на Владата ќе го избира Собранието, а истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.

-Целта е да се формира комисија којашто ќе биде составена од професионалци кои се докажани во своите области и коишто со своето објективно работење и носење одлуки ќе придонесат за нормализирање на тешката состојба во којашто се наоѓа Република Македонија предизвикана од ковид-кризата, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде порачуваат дека е очигледно оти Владата на СДСМ и здравствените власти немаат капацитет да се справат со проблемот.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Филипче да каже што тој преземал за да се намали бројот на починати лица 
Следна вестВо Кисела Вода и во осум други општини ќе има бесплатна нега за изнемоштени и лица со попреченост