Носител на листата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица е генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, објави денеска Александар Николоски, партиски потпретседател.
На денешната прес-конференција тој рече дека очекуваат сигурна победа на претстојните избори.
-Во однос на носител во петтата Изборна единица можам да го потврдам Ѓорѓија Сајкоски генералниот секретар на партијата ВМРО-ДПМНЕ за носител во петтата Изборна единица. Сметам дека имаме одлично решение, тој долги години беше еден од најуспешните претседатели на Општински комитети во ВМРО-ДПМНЕ, го водеше Општинскиот комитет во Кичево кој секогаш постигнува фантастични резултати за ВМРО-ДПМНЕ. Како генерален секретар е дел од оваа нова приказна на ВМРО-ДПМНЕ која ќе значи убедлива победа на претседателските и парламентарни избори. Така што во петка одиме со Сајкоски, истакна Николоски.
Со ова најголемата опозициска партија ги комплетира носителите во сите изборни едниници. Лидерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во првата изборна единица. Во втората носител ќе биде Владо Мисајловски, во третата пратеникот Драган Ковачки, додека во четвртата носител ќе биде потпретседателот на партијата и пратеник, Александар Николовски, а во шестата сегашната пратеничка Дафина Стојановска.