Образованието во Македонија е во хаос. Опозицијата ветува дека ќе го средувала кога ќе дојде на власт.
Подобрување на образовните политики, за 50 проценти поголеми плати за наставниот кадар кој конкретно се занимава со наука, прилагодување на наставните програми, градинките да се вратат под надлежност на Министерството за образование, 1 отсто од БДП за наука… Ова се само дел од промените кои во сферата на образованието планира да ги прави ВМРО-ДПМНЕ. На неодамнешната дебата што се оддржа во Куманово насловена како „Нов концепт за развој на образованието“ се слушнаа и други намери кои ќе се прават во оваа важна општествена област.
– Образованието како целина не дава одговор на потребите на пазарот, но и на сегашноста, рече лидерот Христијан Мицкоски.
Па, така, се најавија проекти кои ќе бидат дел од предизборна програма со кои универзитетски професори кои ќе објавуваат научни трудови ќе добиваат парично зголемување од 50 проценти од плата, најавија активности за да еден наш универзитет да се најде меѓу првите илјада на „Шангајската листа“, дека ќе има учебници за секој ученик, дека грижата за градинките ќе прејде под Министерство за образование…
Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, посочи дека децата во новиот систем на образование ќе учат нешта кои им се потребни за животот, ќе се приспособуваат наставните програми во гимназиското образование, а ќе се отворат и три регионални центри за средно стручно образование.
-Децата ќе научат како да носат одлуки значајни за нивниот живот, како да решаваат проблеми на мирен и конструктивен начин. Децата ќе научат како да планираат домашен буџет, како да менаџираат со своето време. Ќе им го понудиме сè она коешто досега го немале, а го има во ЕУ, каде што ние се стремиме да одиме, односно кој квалитет сакаме да го постигнеме, рече таа.
Таа дополни дека ќе се стави акцент и на воннаставните активности во зависност од афинитетите на учениците. Но, интересно, на партиската трибина за образованието како да беше подзаборавена контровезната реформа на поранешната министерка за образование Мила Царовска. Не се кажа подетално што планираат да прават со новата концепција за основното образование која стартуваше во учебната 2021/23 година иако скоро сите релевантни институции во Македонија рекоа дека не е добра и треба да се повлече. Такво нешто тогаш зборуваа и од ВМРО-ДПМНЕ.
-Оваа концепција треба да се повлече, да се отвори една вистинска јавна дискусија, со стручни луѓе, со експерти, да се почне од базата, а не од врвот кон базата, за да може тогаш навистина да се преземе реформа во образованието, за која и лично и партијата се согласуваме дека е потребно, истакнуваше Весна Јаневска во јануари 2021 година во гостување на ТВ „Сител“.
Таа реагира и на спојувањето на значајните наставни предмети.
-Во време кога имаме негирање на историјата, јазикот и идентитетот од страна на соседите, ваквото спојување на предмети, односно ваквата концепција на интегрирање на предмети, отвара сериозен сомнеж дека истата е диригирана од некои други центри, а не е неопходна потреба, потенцира Јаневска.
Дали, сега, во предизборието, за ова, од ВМРО-ДПМНЕ ќе зборуваат во друга прилика? Ќе има сосема нов концепт или постојната реформа на Царовска ќе се „шминка“ со измени кои се предлагаат?