ВМРО-ДПМНЕ ќе ја тужи СДСМ за клеветите изречени за Мицкоски

Тужба против владечаката партија СДСМ најавија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по меѓупартиските препукувања со соопштенијата околу платените советници во Владата. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека тужбата против СДСМ се однесува за клевата искажана во соопштение на партијата поврзана со прес-конференцијата на партискиот портпарол Димче Арсовски на која тој зборуваше за новите советници на премиерот.

-Прво, жално е што партија на власт не разликува државен советник од платен советник. Второ, ваквите свои обвинувања ќе треба да ги докажуваат на суд каде многу лесно ќе се разграничи дека се сурова клевета и лага, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата на СДСМ на пресот на Арсовски беше посочено дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски ја чинел државата 2 милиони денари како советник за енергетика во владата на Никола Груевски, кога државата годишно издвојувала по 1,73 милиони евра за 91 советник.

Граѓаните добро знаат дека токму Христијан Мицкоски беше еден од дури 91 советници на бегалецот од правдата, Никола Груевски, кои ги чинеа над 1,7 милиони евра. Згора на се, Христијан Мицкоски безобразно лажеше дека за местото советник на Никола Груевски, не земал паричен надомест, односно работел „про боно“. Сосема спротивно, се потврди дека Христијан Мицкоски на листата на советници на Никола Груевски имал плата со коефициент 1,8! Над два милиони денари ги чинеше граѓаните совеничкиот ангажман на Мицкоски во кабинетот на Груевски, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Претходно, партискиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски реагираше на новите 10 советници во кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Заев живее луксузен и раскошен живот на грбот на граѓаните и ги троши парите на граѓаните за советници кои никогаш, никаде и ништо ниту го советувале, ниту пак новиве ќе го советуваат. Едноставно се назначени како награда за да земаат дебели плати од приближно 1.000 евра месечно платени од граѓаните. Овие 29 советници, новоназначени шест, кои го советуваат Заев се само непотребен трошок на грбот на граѓаните. Овие 29 квази советници, за кои не знаеме ниту еден паметен совет што му го дале досега на Заев, оние што претходно беа, нормално, годишно граѓаните ги чинат 320.000 евра, а вкупно со надворешните соработници кои што исто така се платени од Владата граѓаните ги чинат 400.000 евра годишно само за советниците на Зоран Заев – изјави Арсовски.

Претходна вестУапсен додека крадел во кола во Карпош
Следна вестПадната ограда од куќа во изградба тешко повреди жена во Стајковци