ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, Мицкоски овластен да ги одбере кандидатите

ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничка влада, односно ќе именува луѓе што треба да бидат министри и заменици министри, соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муџунски, по синоќешниот состанок на Извршниот комитет на опозициската партија.

Извршниот комитет заземал став да се воздржи од гласањето на техничката влада, која, како што додаде потпретседателот „под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ“.

Во однос на тоа кои лица ќе бидат предложени за учество во техничката Влада, Муцунски рече дека се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од таа влада.

-Едногласно беше потврдено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада бидејќи таа е Влада насочена примарно кон обезбедување фер и кредибилен изборен процес. Не се разговараше за кадровски прашања, но затоа го овластивме претседателот на партијата кој ќе има право да се консултира со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители за кои се најдобрите кадровски решенија кои ВМРО-ДПМНЕ секако ќе ги понуди за членови на таа Влада која има обврска да ги организира изборите, рече Муцунски.

Имињата на министрите и заменик-министрите ќе ги кажат по празникот Водици, кој се одбележува на 19 јануари. Според Законот за таканаречена Пржинска влада, опозицијата треба да има двајца министри(за внатрешни работи и за труд и социјала) и тројца заменици министри (за финансии, за администрација и за земјоделство).

Потпретседатлот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека на седницата освен овие одлуки биле изгласани и делегатите за Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија. Донесена е и одлука за формирање на комисија за преговори со актуелните коалициски партнери, но и сите останати политички партии кои ќе пристапуваат и ќе бидат дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот комитет, рече Муцунски, донесе одлука и за поднесување на иницијатива до Уставниот суд која е поврзана со законите поврзани со промената на личните документи.

Претходна вестСвети Гаврил Велички Светогорец правеше чуда, а во младоста беше партизан што не го примија во партијата
Следна вестДвајца застрелани во пукањето пред тетовската болница