Има ли ВМРО-ДПМНЕ коалиционен потенцијал? Некаде од 27 април 2017 година ова прашање беше наметнато како клучен аргумент на Зоран Заев и на СДСМ зошто ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција и покрај јасната поддршка од најголемиот број на граѓаните. Политичката логика зад овој концепт беше образложена од најрадикалните поддржувачи на Заев, тогаш предводени од Фрчкоски. Според нив самиот бренд ВМРО-ДПМНЕ беше токсичен, од неколку причини.
Прво, партијата беше заглавена со серија судски процеси за корупција и злоупотреба на службената должност, водени од Специјалното јавно обвинителство. „Кој ќе коалицира со злосторничко здружение?” би била сржта на тоа образложение. Второ, една мала индустрија во Македонија, на невлијателни, но бучни во јавноста, „граѓански активисти” ја наметнуваше приказната за лошиот геополитички приод на ВМРО-ДПМНЕ. Се велеше дека партијата само реторички се залага за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО, но дека всушност бара алтернативна геополитичка ориентација, вклучително и кон ривалите на македонските стратегиски сојузници Русија и Кина. „Кој ќе коалицира со анти-западна партија?” беше главниот аргумент тука. Трето, ВМРО-ДПМНЕ доцна се сети да влезе и да ја образложува својата државна политика во медиумите на албански јазик во Македонија, па дозволи таму да израснат вистински чудовишта. Се исцрта слика дека партијата има некаква скриена агенда кон Албанците во Македонија, дека сака да го поништи Охридскиот рамковен договор и дека сакаат да го вратат часовникот наназад, па да ги сведат Албанците на граѓани од втор ред. „Како ВМРО-ДПМНЕ ќе најде коалиционен партер во албанскиот блок?” беше третата поента на тезата зошто таа партија нема коалиционен потенцијал. Имајќи предвид дека по демократизацијата во Македонија постои уставен обичај партиите од албанскиот етнички блок да бидат претставени во владата, неможноста од меѓуетничко коалицирање би бил пресериозен хендикеп за ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме спектакуларно пропадна СЈО, партијата остана членка на Европската народна партија, стожерна партија во Европската Унија, а говорницата на ВМРО-ДПМНЕ се претвори во најжесток критичар на корупцијата на ДУИ и глас на онеправданиот граѓанин од албанската етничка заедница во Македонија, па се доби одговор на сите три прашања.
Како од токсичен бренд ВМРО-ДПМНЕ стана центристичка сила во македонската политика, посакуван коалиционен партнер на сите политички сили во Македонија? Тоа е прашањето кое што СДСМ ќе треба да си го одговори по изборите на 8 мај.