ВМРО-ДПМНЕ продолжи со објавување „Тајни имоти“: Ана Марија Павиќ не пријавила луксузно „ауди А5“, Цоневски најмалку три стана и фирма…

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжува да ги открива имињата на 123-те партиски и владини функционери кои не поднеле анкетен лист или пак не го ажурирале во Антикорупциската комисија.

-Наместо извинување до граѓаните и оставки, функционерите од власта кои кријат имоти бегаат од одговорност. Со досегашните постапки нив ги штити Димитар Ковачевски и ДКСК. Институциите наместо да отворат постапки пишуваат бледи соопштенија и не преземаат никаква иницијатива, обвини Бране Петрушевски, пратеник на оваа партија.

Тој денеска го наведе примерот со Ана Марија-Павиќ која е именувана за член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и не поднела анкетен лист, а истата е координатор на Форумот на жени во ОО Бутел и била кандидат за советник од партијата.

-Таа на сопствено име има луксузна лимузина „ауди А5“, а остатокот од имотот е на нејзиното семејство, рече Петрушевски.

Следниот пример кој тој го наведе е на Саша Максимовски, претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР, и со работна позиција раководител на сектор во Владата на Република Македонија.

-Максимовски не доставил анкетен лист до Антикорупциска комисија, а од она кое што ние го утврдивме на негово лично име има стан во населбата Карпош во Скопје. По линија на претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР одат и членовите на истиот. Па така анкетен лист не поднел ниту Теди Цоневски, член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР. Цоневски не го пријавил својот имот, кој според нашите истражувања се состои најмалку од еден стан во Горно Соње, еден стан во Кисела Вода и еден стан во Центар. Цоневски е основач и на фирмата ИНТРАТЕЛ СОФТ ДООЕЛ Скопје, која ја формирал во месец септември оваа година. А, покрај горе наведеното е и вработен во една голема телекомуникациска компанија, наведе Петрушевски.

Наведени се и примери на голем број на функционери кои имале неколку функции пред да ја извршуваат последната функција не го ажурирале својот анкетен лист и по скоро година дена. Таков е случајот со директорот на Инспекторатот за транспорт, Гајур Рушити, Ташко Дојчинов, државен правобранител за подрачјето на Гевгелија, и Васко Стефанов, директор во Пошта.

Претходна вестАеродром добива нов плоштад зад ТЦ „Капитол“
Следна вестЛевица поведе постапка пред Антикорупциска комисија против Талат Џафери