ВМРО-ДПМНЕ: Што содржи нон пејперот, какви се тие гаранции кои Заев му ги дава на Борисов?

Вчера беше соопштено дека Бучковски му предал нон пејпер на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Прашањето кое ја засега јавноста е што содржи нон пејперот и низ која институција во државата е одобрен? Дали за тој нон пејпер Заев ја информирал Владата или претседателот на државата? Какви се тие гаранции кои Заев му ги дава на Бојко и што содржат? Ова се прашањата кое во денешното соопштение ги постави најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Овие прашања заслужуваат одговор, особено ако се знае дека Зоран Заев ја понижи Македонија и македонскиот народ, тргувајќи со идентитетот, историјата и јазикот. Залудни се неговите изблици на лажен патриотизам, сега кога Македонија го доби ветото, бидејќи само пред неколку недели велеше дека е блиску до договор со Бугарија во кој гледаме дека на маса била придавката “македонски“. Ако тоа не е продавање на идентитетот, тогаш не знаеме што е, се потенцира во соопштението.

Ова партија потсетува дека не може да се верува на човекот кој пред извесно време убедуваше дека сме еден народ со Бугарија, дека фашистичката окупација била администрација, дека имаме заедничка историја, дека Гоце Делчев не се борел само за Македонија, дека јазикот ни бил ист и слични други анационални и предавнички позиции.

-Како да верува разумен човек во изјавите на Заев, кога веќе еднаш го излажа народот кога се колнеше во децата и жицата дека нема да го менува уставното име на Република Македонија? Неговата анационална генеза и неговото патолошко лажење си имаат историјат. Постојат информации кои Заев не ги демантира, дека ветувањата кон Бугарија за сите нивни негаторски позиции ги давал неколку години наназад, но само реакцијата на народот, експертите и јавноста го спречија да го постигне тоа кое што како концесии го давал кон Бугарија. Затоа оставка на Заев е единственото нешто кое што може да се случи. Тој, неговите концесии и свитканата кичма веќе се кочница на македонскиот пат кон Европа. Доволно се порази, неуспеси и понижувања, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестЗа недвижен имот кој не се користи подолго од 6 месеци ќе се плаќа трипати поголем данок
Следна вестКога Заев, но и ЕУ, ќе ни покажат дека навистина се за демократија, принципи и човекови права?