Кога Заев, но и ЕУ, ќе ни покажат дека навистина се за демократија, принципи и човекови права?

Едно пропагираат, друго работат

Македонија како да е предодредена за трпење на подмолни удари. Кој и да му текне ја мава и државата и народот во неа. Сега е мавната со бугарското вето, ја мавнува и македонската влада со своите начини на водење надворешна политка, а ја мавнува подзаскриено и ЕУ. Удари се трпеа и во 2008 година со грчкото вето за прием во НАТО. Едноставно, Македонија е претворена во боксерска вреќа, а тоа го дозволија пред се македонските политичари кои исто така тренираат крошеа и аперкати на „вреќата“.

Зошто е така? Па нели премиерот Заев и посакува се најдобро на Македонија? Па нели за Бугарија сме браќа, а за ЕУ сме посакуван партнер? Па нели сите тие заедно тврдат дека правдата, еднаквоста и заедништвото им се првите приоритети?

Дојдовме до време кога сите тие носејќи ни го заедништвото и демократијата не доведоа до загрижувачкото прашање: што ќе остане од македонски идентитет по волку добрини што ни ги носат?

-Заев ги зарази лидерите во ЕУ со своето водење дипломатија. И Заев и ЕУ кога е во прашање Македонија велат дека човековите права се најважни, а демократијата е главна цел, ама на терен работат спротивно. Заев тера по свое и баш му е гајле за демократија и македонскиот идентитет, а ЕУ тера по свое и баш и е гајле што се кршат главните принципи кои токму Брисел ни ги наметнува како услов за влез во унијата, ни вели центарката Билјана Л.

Премиерот Заев бугарската фашистичка окупација на Македонија ја нарече „администрација“ и како веќе да најави попуштање пред сите бугарски условувања. Се слушна дека се преговарало и околу придавката „македонски“… Може ли тогаш да му се верува на премиерот, да се има доверба во тоа дека тој ги изразува заедничките ставови во државата и дека од нив нема да остапи?

Граѓаните стравуваат од губење на идентитетот

-Премиерот Заев очигледно го пренесува неговото мислење, а не на народот. Тој нема право да зборува во името на народот, туку само во свое име, кога се работи за чувствата на граѓаните. Никој не може да му наметнува, па ни Заев, чувства на народот. Мое мислење е дека веќе ни сам не знае што зборува, ни самиот не верува во тоа што го зборува, ми делува изгубено, смета граѓанинот Горан Стевановски.

Слично мисли и Бране Серафимовски, кој укажува дека премиерот често зборува различно.

-Електоратот ниту има прифатено да дискутираме на теми на кои дискутираме со Бугарија, а уште помалку има дозволено и дадено мандат за отстапки.  Премиерот често зборува различно, зависно од тоа кој е на другата страна, и често го зборува тоа што сакаат другите да го слушнат, потенцира овој граѓанин.

Се уште се свежи сеќавањата кога тој даваше многу изјави во кои гарантираше, ветуваше, категорично тврдеше па дури и се колнеше во своите деца и претци дека името на државата и Уставот нема да се менуваат. Имаше и референдум на кој граѓаните не го прифатија Преспански договор, но ништо од тоа…

 -Несватливи ми се настапите на Заев. Несватливо ми е еднаш да се кажува едно, а друг пат друго. Мислам дека ќе им попушти на Бугарите. Ако го стори тоа, јас како симпатизер на СДСМ, јавно кажувам, ќе излезам да протестирам за негова оставка, вели граѓанинот Александар Тодоровски.

Нашите соговорници велат дека голем проблем е што Заев не работи на заедништво во Македонија. Не се истапува со заеднички, единствени позиции. Премиерот во преговорите со Грција не сакаше да се постават заеднички „црвени линии“, не сака ниту сега. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и „Левица“ излегоа со предлози, но тоа не се прифаќа. А, стовремено, нема државен празник на кој тој и шефот на државата Стево Пендаровски не повикуваат на единство, помирување, заедништво, а ваму, ставовите на 300.000-400.000 граѓани кои гласаат за опозиција не се земаат предвид. Тогаш, како се искажува „заеднички став“? Како се практикува демократијата ако не се слуша што бара народот?

Двете лица на Европската унија

Чудно практикување на демократијата прави и ЕУ. Видлив е фактот дека официјален Брисел не го проблематизира тоа што Бугарија поставува услови кои немаат врска со слободарските принципи токму на ЕУ.

„Замислете Германија да побара од Австрија официјално да признае дека Моцарт бил Германец за да влезе во ЕУ?“, се запраша деновиве дури и бугарски историчар. Но, залудно, деновиве како во ЕУ да се воведуваат нови правила за прием. Веќе како да не е најважна демократија, рамноправност, граѓански права и слободи… Еврокомесарот за проширување дури и изјави дека Македонија треба да „излезе во пресрет на загриженоста од Бугарија“. За загриженоста на македонскиот народ не спомена ниту еден збор.

-ЕУ е контрадикторна во својот однос кон нас. Основно е тоа дека никој не смее да преговара за Македонија. Мене пари и живот не ми требаат ако ја нема Македонија, ни рече граѓанинот Владо Диневски.

А се сеќавате ли какви беа изјавите на ЕУ комесарите кога не храбреа да го смениме името на државата? „Само уште тоа да се направи и Брисел ви дава – датум“. Но…

-ЕУ не е принципиелна, но тоа не е прв пат и не е најголем проблем. ЕУ и секој, секогаш ќе гледа да дојде до решение со минимален напор, а ако вие сте тие што секогаш попуштаат и немаат достоинство и свое јас, тогаш секако, вие сте нивното решение. Некој да го негира твоето самоопределување и јазик, за кое постојат пишани документи и докази е косење со сите постулати и на ЕУ и на ООН и на здрава логика на 21 век. Треба повлекување од процесот, и испраќање на нота до ЕУ дека целиот процес е тотална навреда за нас, и дека сами ја замрзнувме апликација за почеток на преговори. Ако не се цените самите никој нема, потенцира граѓанинот Бране Стефановски.

Очигледно, сега на тест е и Заев и ЕУ. Кои се нивните принципи? Брисел е познат по организирање на разни округли маси и поучни конференции. Нека направат една со тема – Сојузништво и добра заедничка иднина се гради со демократски принципи и взаемно уважување или со наметнување на волјата на посилниот?

Критериуми полни со различни аршини

Различните аршини на ЕУ до сега се видоа многупати. Токму за приемот на Бугарија за земја-членка одамна јавно се зборува дека е направен од страгетиски причини иако земјата не ги исполнувала ниту предвидените критериуми. 

Приемот на Кипар се направи во ситуација кога земјата е поделена на турски и на грчки дел по конфронтацијата на двете етнички заедници. Словенија имаше проблеми со Италија и со Австрија, па Хрватска со Словенија…