ВМРО-ДПМНЕ: Владата да не ги понижува наставниците

Владата да не ги понижува наставниците и да ги исполни барањата на СОНК, побара денеска опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение се наведува дека Владата вели дека дава покачување на платите од 10 отсто, во ситуација кога млекото се покачи за над 80 проценти, зејтинот за над 110 отсто, горивата за над 70 проценти, струјата за над 30 отсто.

-Трошоците за живот се екстремно покачени, а владата ги понижува наставниците со 10 отсто предлог за покачување. Владата наместо со половични решенија треба да ги исполни барањата на СОНК, тие се минимално неопходни за обезбедување нормален стандард на наставниот кадар. Македонија е можеби единствена земја во Европа каде наставниците имаат плата пониска од просечната плата. Платата на еден наставник е далеку помала од синдикалната кошничка. Платите во образованието мора да се зголемат, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да изврши нивелирање на коефициентот на сложеност на работните места во образованието.

-Ковачевски наместо да им се заканува на СОНК, да ги исполни нивните барања. Наставниците се еден од столбовите на општеството, се наведува во партискиот став.

 

Претходна вестПоследна битка за Мариупол, итна евакуација во Луганск
Следна вестСДСМ: Уценувачки е одбивањето на понуденото зголемување на платите