ВМРО-ДПМНЕ: Владата плаќа 40  милиони евра на фирма водена од странски конзул

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска објави нови детали за случајот на излевање на 40 милиони евра од буџетот, под ставка „софтверски лиценци”. Ова партија вчeра обвини дека зад доделувањето на тендери вредни 40 милиони евра на фирмата „Аитоникс“ во последните три години стои блискоста на премиерот Димитар Ковачевски сo лицето Марко Андонов, кој е претседател на одборот на директори на фирмата „Аитоникс“. Андонов, се тврди, е колега на приватен факултет токму на Димитар Ковачевски.

– Една година откако фирмата „Аитоникс“ добива договор на 15 милиони евра, владата го именува Марко Андонов, од „Аитоникс“ за почесен конзул на Грузија во Македонија, односно тој добива дипломатски статус, со задача да ги промовира интересите на странската влада што го назначува и добива заштита и поволности и им обезбедува на дипломатите иста онака како што се оние од кариера. Владата на Ковачевски годинава потпишува втор договор тежок 25 милиони евра, со фирма каде првиот во одборот на директори е колега на премиерот и притоа конзул на странска држава. Тој договор е за лиценци за компјутерски програми и би требало да гарантира популарно кажано сајбер безбедност, изјави денеска партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Тој нагласи дека во ситуација кога Македонија е изложена на сајбер напади Владата плаќа 40 милиони евра на фирма водена од странски конзул од држава која не е членка на НАТО и е во специфична состојба и односи со Русија.

-Институциите мора сериозно да се позанимаваат со оваа набавка, иста фирма водена од странски конзул, колега на Ковачевски, добива 40 милиони евра за три години, бидејќи постојат сериозни индиции за влијание и за корупција, рече тој.

Претходна вестЗајкова: Недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат како да е благосостојба
Следна вестИзлетување од коловозот кобно и за 20-годишното момче од Облешево