ВМРО-ДПМНЕ: Владата среде криза дала 400 илјади евра на Рејтинг за да ја нема Македонија на рекламите

Додека над 400 илјади граѓани живеат во сиромаштија, владата на антимакедонската СДС доделува 400 илјади евра на агенција Рејтинг за осмислување и реализација на 1-дневен Фестивал на храна и вино и претставување на саем. Да биде скандалот уште поголем, токму на тој саем, според информациите на медиумите е забрането користење на термините МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНСКИ за производите кои ќе бидат презентирани. Очигледно Владата дала 400 илјади евра на агенцијата Рејтинг за да не се користи терминот Македонија во рекламите, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив агенцијата Рејтинг јавноста ја познава по анкетите на јавно мислење во кои по правило предност и дава на СДС. Токму оваа агенција, како што истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, во сопственост на Никола Спасов среде криза добива буџетски пари за саем и фестивал за храна и вино, а во исто време земјоделците кои произведуваат храна, се молат за евро повеќе помош од владата.

-Ете до каде оди забеганоста на оваа влада предводена од антимакедонската СДС. Патем во оваа агенција до скоро работеше и сегашниот шеф на кабинет на Ковачевски, Мартин Попов. Оттука се поставува прашањето дали со ваквите исплати на буџетски пари, владата на Ковачевски си наплатува нови анкети во кои ќе се шминка рејтингот на неговата однародена влада? Заради ваквото бесрамно трошење на народни средства, нема пари за граѓаните, нема пари за земјоделците, нема пари за стопанството. Додека агенцијата Рејтинг си обмислува фестивали за дебели хонорари, народот тоне во сиромаштија. За ова мора да има одговорност, стои во писмениот допис од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Претходна вестПочна учебната година: Наставничке, домашната задача ќе ја донесам за еден месец, во фаза на подготовка е
Следна вестБензините поевтинуваат за два денари, дизелот останува со иста цена