Учениците денаска влегоа во училиштата, почна новата учебна година. Вообичаено, ќе слушнат воведни зборови – пораки од наставниците за потребата да се учи, да се завршуваат работните задачи…
Е, а дали ресорното министерство си ги заврши своите домашни задачи пред на почне учебната година? Каква порака (индиректна) до децата пратија од министерството и разните бироа за развои на образованието и слично?
Наместо учебници како сите други, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование денеска ќе добијат „соодветни материјали“. каква порака е тоа?
Надлежните убедуваат дека тоа не биле некакви скрипти туку квалитетно и креативно подготвени „материјали“. А објаснувањето за тоа зошто овие ученици не ги добиле учебниците на време е дека се во фаза на одобрување. За нив имало нови наставни програми, имало анонимен конкурс, било потребно да ја поминат рецензијата, да се направат одредени измени… Сето тоа значи дека новите учебници ќе стасаат до учениците за некој месец или подолго.
Замислете ученик да и рече на наставничката: домашната работа ми е во фаза на пишување ќе ја донесам за еден месец. Што оценка ќе му стави наставничката? Може ли таквото дете да се фали дека е поуспешно од лани?
Зошто се дозволи ваквото доцнење со учебниците? Оние што ја правеа реформата, оние кои што ги менуваа наставните програми и содржини, мораа да знаат дека сето тоа мораше да биде готово со 1 септември, односно, до почеток на учебната година. Сите активности требаше да бидат усоглесени за да учениците ги добијат учебниците на време.
Наместо учебници, учениците добија пример и порака за тоа како кај нас функционираат реформите во образование. Прво на сите ѕвона ќе се објават планови за промени, па со истомислениците ќе се организираат „дебати“, па нема да се прифаќаат забелешките на оние кои мислат поинаку… и, на крај, ќе се доцни со најважното – со финалниот продукт на покренатата реформа.
Утре е втори септември. Ќе има ли нови слични пораки за учениците?





