За само една недела имаме 300 починати од Ковид-19 и уште 60-тина слободни кревети во болниците, а министерот Венко Филипче вели се е под контрола, реагира денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемaта опозициска партија го прашува министерот за здравство „како не му е срам на целиот овој крах да дава изјави и да тврди дека се е во ред?“.
– За една недела имаме скоро 9.000 заразени. Четири пати повеќе отколку што Филипче предвидуваше за цела пандемија. Секој ден е буквално нов пик и за починати и за заразени. Ситуацијата е одамна излезена од контрола. Филипче е неспособен да набави вакцини. Веќе 4-ти месец нема вакцини. И тие вакцини кои пристигнаа се донации. Филипче е директно одговорен заедно со Заев за сите починати од први јануари до сега, да имаше вакцини, голем број од нив ќе беа спасени. Ситуацијата е очајна во целост. Пациентка умре затоа што во болница немаше кој да и даде кислород, луѓе примаат инфузии во дворовите од болниците, а живи лежат до мртви и примаат терапија. На целиот овој крах, го прашуваме Филипче како не му е срам да дава изјави и да тврди дека се е во ред? Наместо да смислува изговори, нека си даде оставка веднаш, се вели во партиското соопштение.