На денешниот протест пред Владата на кој под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ насобраните граќани го искажуваат незадоволството кон премиерот и неговиот начин на водење политика кон Софија се приклучи и Калина Корчагин, внуката на македонскиот херој и борец против фашизмот Раде Јовчевски- Корчагин. Таа се обрати на граѓаните укажувајќи дека не може да премолчи кога политички игри чепкаат во нејзиното семејство.
– Зоран Заев го навреди моето семејство. Зоран Заев ги навреди моите дедо и татко. Зоран Заев ме навреди мене. Го навреди и моето дете. Што јас да му раскажам? Како да ја пренесам личната, семејната историја? Како да го избришам семејното херојство, но и преживеаниот терор над мојот народ? Зар треба да го кријам мојот дедо од сопственото дете? Раде Јовчевски – Корчагин е мој дедо, еден од основачите на двата скопски партизански одреди, кои биле формирани со цел да ја ослободат Македонија од окупаторот. Зарем Македонците тогаш не можеле да разликуваат „администрација“ од окупација, па формирале партизански одреди за да се борат против оние кои пријателски убивале и вршеле злодела низ Македонија, праша таа.
Внуката на Корчагин објасни дека нејзиниот дедо бил ладнокрвно убиен од Анто Георгиев- Антов, бугарски агент, по наредба на бугарската полиција.
-Се прашувам, дали за ваква „администрација“ Заев сега сака да ни наметне да мислиме дека ни помогнала во ослободување од окупаторот. Отворено го прашувам Зоран Заев: Дали според неговото сфаќање на историјата симнувањето на историските обележја и промена на 20-те табли на кои пишувало „бугарски фашистички окупатор“ значи почеток на менување до укинување на целата вистина? Значи ли дека неговата безрезервна љубов кон бугарската држава е вовед во второто убиство на Корчагин? Дали, во интерес на „добрососедството“, гимназијата „Раде Јовчевски- Корчагин“ ќе биде преименувана по убиецот на мојот дедо, рече таа.