Во Белград промовиран зборникот „Македонски во 30 лекции“

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Белград синоќа се одржа промоција на зборникот „Македонски у 30 лекција” од авторката Елеонора Конеска Средојевиќ, а во реиздание и во соработка со белградскиот весник „Политика”, јави дописникот на МИА од Белград.

Зборникот „Македонски у 30 лекција” од Конеска Средојевиќ, ќерка на академик Блаже Конески, опфаќа двојазични текстови објавени во „Политика“, а се публикува со цел да се афирмира македонскиот јазик во Србија.

-Се работи за една збирка „Македонски у 30 лекција” на српски и македонски јазик, што ја пронајдовме во архивата на нашинецот Ранко Бебековски кои беа објавувани во весникот „Политика“ во 1984 година како лекции по македонски јазик. Со дозвола на авторката и на „Политика“ ги реиздадовме и ја промовираме оваа брошура за да нашите членови на здружението Македониум, на нивните потомци и сите Македонци кои живеат овде во Србија, имаат можност да ги совладаат основните правила на граматиката на македонскиот јазик, изјави Зорица Митровиќ од Здружението Македониум во Белград, организатор на промоцијата.

Јазикот, порача Митровиќ, е основен елемент на националниот идентит. Доколку го чуваме и изучуваме јазикот можеме да кажеме дека го чуваме и македонскиот национален идентитет во Србија.

-Се работи за лекции по македонски јазик кои се илустрирани со цртежи и вињетки на познати белградски уметници, потоа текстови на српски јазик и научно-стручни коментари за разни прашања поврзани со македонскиот јазик како што се зборовите, азбуката, акцентот, писмото и други граматички карактеристики, изјави Ранко Бебековски.

 

Претходна вестБилетите за последниот домашен меч на Пелистер во ЛШ по цена од 450 и 550 денари
Следна вестДобил писмо со неидентификуван бел прав: смртна закана за синот на Трамп?