Во Бугарија денеска се гласа на парламентарни избори, може ли да има промени во политиката кон Македонија?

Вкупно 6.895 кандидати од 30 партии и коалиции се натпреваруваат во трка за 240-члениот парламент на изборите кои денеска се одржуваат во Бугарија. Вкупниот број на гласачи во Бугарија е 6.732.316 лица. Граѓаните својот глас ќе го дадат на 11.983 гласачки места , а во 9.398 од нив ќе може да се гласа машински. Ова е втор изборен циклус во Бугарија на кој може да се гласа машински.

Според последните истражувања партијата на актуелниот премиер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов има рејтинг од околу 28 проценти, следи партијата на социјалистите на Корнелија Нинова со 20отсто а трета е партијата на шоуменот Слави Трифунов „Има таков народ“ со 12.5 проценти.

Во Република Северна Македонија ќе може да се гласа во Бугарската амбасада во Скопје, Генералниот конзулат во Битола, ќе има делови во Струмица, Штип и Охрид.

Аналитичарите сметаат дека резултатот од парламентарните избори во Бугарија ќе го одреди излезноста и дали десницата или левицата ќе имаат повеќе пратеници во следниот бугарски парламент. Можно е партијата на ТВ-презентерот и шоуменот Слави Трифонов „Има таков народ“ и Движењето за права и слободи до крај да се борат за третото место, со што ќе се утврди дали левицата или десницата ќе имаат шанса да ја формираат новата бугарска Влада.

Изборите во Бугарија со голема заинтересираност се следат во Македонија од аспект на тоа дали ново владино мнозинство би можело да ја смени политиката кон Македонија и да ја деблокира нашата евроинтеграција. Меѓутоа, за тоа, според сите проценки, шансите се минимални.

Акутелната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева неодамна изјави дека погрешни се очекувањата дека изборите ќе донесат некои промени во однос на Македонија.

-Тие имаат погрешна претстава дека нешто посебно ќе се смени. Напротив, ако нешто се смени, тоа ќе биде полошо за нив. Ние сакаме надминување на стереотипите од минатото, запирање на воспитувањето и основањето на нација базирано на антибугаризмот, запирање на јазикот на омраза, запирање на воспитувањето на омраза кон бугарското. Тоа го сакаме, не е ништо толку комплицирано според мене, изјави Захариева за БТВ.

И македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна процени дека и власта и опозицијата во Бугарија имаат тврд став кон Македонија, што значи дека кој и да дојде на власт по изборите на 4 април, нема да има промена во односот кон нашата држава.

Сите бугарски партии на прашањето за Македонија во предизборните дебати изјавуваа  дека нема да има промена на позицијата земајќи предвид дека таа е утврдена во бугарскиот парламент кој во 2019 година усвои декларација со 129 гласа за, четворица против и еден воздржан.

Претходна вестЗаев и Мицкоски имаат уште теми за договарање, што чекаат?
Следна вестКатолиците и протестантите го слават Велигденот