Kражба на капаците на шахтите, опожарување на шахтите, но и на самите цевки кои се дел од атмосферската канализација се случиле на подрачјето на општина Бутел, алармира денеска градското претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје. Во соопштенето се наведува дека вчера нивните екипи при рутинска проверка на атмосферската канализација на улицата „Александар Урдаревски“ кај мостот на реката Серава во општина Бутел, откриле вандалски чин, кој е на голема штета на претпријатието, но и на самите граѓани, како и опасност по нивната безбедност.
-Веднаш по овие сознанија, случајот е пријавен во Општина Бутел и МВР од каде е извршен испекциски надзор и случајот е заведен од страна на надлежните институции. Ќе поднесеме две пријави за сторено злодело, една за кражба и една за опожарување на атмосферската канализација. Ваквото неодговорно однесување на групи на поединци нанесува штета не само на претпријатието, туку и на граѓаните на град Скопје и претставуваат опасност за околината, се наведува во обраќањето до јавноста.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека нивни екипи изутрината ја оспособиле атмосферската канализациска линија со дијаметар на цевка ф1000мм, каде имало оштетување и обезбедиле непречен проток на атмосферска вода.