Во четвртиот квартал лани Македонија со негативен природен прираст од 843 лица

Значаен негативен природен прираст е забележан во последното, четврто, тримесечје од минатата година, покажуваат денес објавените податоци на Државниот завод за статистика.

Во соопштенето се наведува дека бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 4.5 проценти и изнесува 4.185 живородени деца.

-Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 1.5 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5.028 лица, а од нив 9 се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен – 843 лица што значи, за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица, соопштува ДЗС.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е зголемен за 1.6 проценти во споредба со истиот период од 2022 година и изнесува 2.824 бракови. Во ова тримесечје добиени се 599 извештаи за разведени бракови.

Фото: Архива

Претходна вестУапсена жена од Тетово – сакала да украде паричник од соба во тетовската болница
Следна вестССМ најави протести, а бара повторување на постапката за конфискацијата на Работничкиот дом