Во државава со години нема доволно инспектори, утврдила ревизијата

Инспекторатите во земјава работат со 50 проценти намален кадровски капацитет, а доколку во наредниот период нема нови вработувања, постои ризик да не можат да се вршат инспекциски надзор, предупредува Државниот завод за ревизија во извештајот.

Ревизорите извршиле анализа на доставените податоци од страна на Инспекцискиот совет за издадени лиценци за инспектори во инспекторатите и инспекциските служби при што утврдиле дека се издадени вкупно 1.692 лиценци за 45 видови на инспектори вработени во 28 инспекторати и инспекциски служби од кои активни се 842 лиценци за инспектор. Констатирано е дека за 10 години бројот на инспектори е намален за околу 50 проценти што е состојба за која е потребно да се преземат итни мерки.

Или во бројки, состојбата изгледа вака: Во државните инспекторати од предвидените 1.006 работни места за инспектори, пополнети се 602 работни места или 60 проценти, додека во инспекциските служби од предвидените 418 работни места за инспектори, пополнети се 210 работни места односно 50 проценти.

Поради недоволниот број на инспектори, како што се наведува во извештајот, голем дел од инспекциските служби работат отежнато, а доколку во наредниот период не се реализираат нови вработувања, постои опасност некои инспекторати да не може да ја вршат надлежноста согласно законот.

И на крајот, доаѓа најважното: Ваквата алармантна состојба се однесува за периодот од 2017 до 2019 година, односно дека проблемот постои уште од пред две години. Прашањето би било: Дали некој презел нешто за подобрување на состојбата?

Претходна вестБез струја утре повеќе делови од Кисела Вода, Центар и Карпош
Следна вестГрадоначалникот на Аеродром излегува во јавност ама само на фотографии