Демократската унија за интеграција (ДУИ) во седиштето во Мала Речица синоќа одржа состанок на претседателството, а најавија дека ќе следува и состанок со коалициските партии за нивно позиционирање по резултатите од изборите.
Шефот на изборниот штаб на ДУИ, Арбр Адеми го повтори партискиот став дека нивниот коалициски Европски фронт добил легитимитет од граѓаните.
– Врз основа на констатациите на сите институции и врз основа на изјавите на ОБСЕ, изборите беа фер, слободни, демократски, истата констатација ја имаме и ние внатре во ДУИ. Овој легитимитет потврден од страна на граѓаните не може да се оспори, ни со инженеринг, ни со политички договор, не може да се оспори волјата на народот и на државните институции кои се одговорни за спроведување на изборите. Последно што разговаравме беше утрешен работен состанок со сите политички партии кои го сочинуваат Европскиот фронт, во Скопје, изјави Арбр Адеми.
Според Адеми, сите политички партии што се во Европскиот фронт ќе продолжат да делуваат заедно.
– Најважно е што граѓаните силно ја поддржаа ова опција и таа поддршка на програмата да ја реализираме во државната политика. Ние имаме обврска, имаме задача да го спроведеме тоа. Граѓаните очекуваат да се продолжи патот кон интеграција во Европската унија и оваа средба е за да се обезбеди европскиот пат на граѓаните и да продолжат преговори со ЕУ, кои ДУИ ги започна, рече Арбр Адеми.