Од денеска започнува рокот за собирање потписи за кандидати за претседател на Македонија. Целиот процес ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Веќе е познато дека кандидати за претседател се: Од СДСМ кандидат ќе биде Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, професорката Билјана Ванковска е кандидат на Левица, Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ. Својата независна кандатура за претседател ја најави Вело Марковски. ДУИ го предлагаат Бујар Османи и Движење ЗНАМ ќе настапи со Максим Димитриевски.
Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова вчера потврди дека е кандидат за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ. Нејзините колеги и колешки ги собрале потребните 30 потписи, без нејзино знаење. Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.
Собирањето потписи ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката што почнува денеска трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.