Во Илиноис (САД), во изминатите 70 години, 451 католички свештеник сексуално злоставувале речиси 2.000 деца, покажуваат резултатите од истрагата на државниот јавен обвинител на таа американска држава. Тој број е четири пати поголем од бројот што црквата го објави во 2018 година, пред почетокот на истрагата, пишува Асошиејтед прес.
Јавниот обвинител Кваме Раул на прес-конференција рече дека истражителите откриле дека католичкото свештенство злоставувало 1.997 деца во Илиноис помеѓу 1950 и 2019 година, иако тој призна дека многу случаи се застарени и дека овие насилници „никогаш нема да излезат на виделина“.
-Се надевам дека овој извештај ќе ги разоткрие оние кои ја искористија својата позиција и довербата што им беше дадена, како и луѓето од црковното раководство кои ја прикриваа таа злоупотреба. Овие сторители можеби никогаш нема да бидат изведени пред лицето на правдата, но со нивното именување сакаме да обезбедиме јавна одговорност и да им помогнеме на жртвите кои долго време страдаат во тишина, рече тој.
Јавниот обвинител ги обвини католичките водачи дека донесуваат одлуки и политики кои „им дозволуваат на познатите сексуални злоставувачи на деца да се кријат, често на очигледен поглед“.
Во државата Илиноис живеат 3,5 милиони католици, што е приближно 27 отсто од вкупното население. Црквата поседува 949 парохии и има 2.215 свештеници и 1.372 ѓакони.