Во „камионот-ковчег“ во Бугарија луѓето умирале бавно и тешко

Бугарското обвинителство поднесе обвинение против шест лица откако во петокот во камион во близина на Софија беа пронајдени телата на 18 мигранти од Авганистан. За смртта на мигрантите обвинети се и возачот и сопатникот на камионот.

Првичните информации од истрагата укажуваат дека шверцерите доцна ги слушнале тропањата и криците за помош. Кога го сопреле камионот 18 од вкупно 53 мигранти биле мртви. Тие не останале да им помогнат на преживеаните, туку ги оставиле во тешка здравствена состојба и побегнале обидувајќи се да се скријат во Бургас.

Според првичната истрага мигрантите умирале бавно и болно поради недостиг на кислород во затворениот простор. Станува збор за млади момчиња на возраст од 13 до 33 години.

Оние кои преживеале се хоспитализирани во пет болници во земјата.

Последните детали укажуваат дека „шефот на операцијата“ бил поврзан и со Србија, јавуваат српските медиуми.

Одредени осомничени дале исказ во обвинителството и ги информирале надлежните за шемата за транспорт на мигранти, соопшти обвинителот.

– Вчера осомничените беа сослушани и дел од нив дадоа детални информации за оваа криминална организација и начинот на кој биле превезувани мигрантите од турската граница, преку Бугарија, па со план да стигнат до Србија. Повеќето работи ги знаевме, но сега имаме и нови докази, рече заменик-обвинителот Христо Крастев.

Крастев не сакал да открие повеќе детали, за да не ја загрози истрагата, но вели дека се дознало оти „главниот човек“ е добро поврзан во Турција и Србија.

Како што беше најавено, ќе се слушнат и исказите на преживеаните мигранти од камионот.

Претходна вестИзраел го нападна Дамаск, петмина загинати
Следна вестТрета година по ред Албанија речиси да нема природен прираст