Во Македонија не се продаваат водата и газираните пијалаци од кои има труења во Хрватска

Ја следиме состојбата со случаите на труење со газирани пијалаци и минерална вода во Република Хрватска, а зајакнати се инспекциските контроли при увоз на храна од нашата земја, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Оттаму велат дека доколку се јави потреба, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за заштита на граѓаните и од овој тип небезбедни производи.

-Преку европскиот Систем за брзо известување на небезбедна храна и храна за животни – РАССФ немаме добиено нотификација дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни минерални води и газирани пијалаци, посочуваат од АХВ.

Во Хрватска, според јавувањето на медиумите, хоспитализирани се четири лица поради труење со газиран пијалак. Три лица завршиле во болница во Загреб, а едно во Ријека. Земени се мостри и дадени на натамошна анализа. Во Ријека 19-годишно момче завршило во болница со повреди на хранопроводникот и стомакот откако испил безалкохолен пијалак во ресторан. Хрватските медиуми ги спомнуваат и случаите на момче во Крапина кое пред неколку недели завршило во болница откако испило сок од јаболко и на маж од Пула чиј хранопровод е тешко повреден откако испил чаша минерална вода во ресторан во Ријека во мај.

Според пишувањата во хрватските медиуми, денеска има шест нови сомнителни случаи, но никој не е хоспитализиран. Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) добил мостри од безалкохолни пијалаци кои биле доставени од Санитарната инспекција по извршениот увид во кафуле во Риека, каде што неодамна му се слошило на едно лице, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.

Според докторите од Клиничкиот центар во Загреб, вчера биле прегледани шест пациенти со можни последици од консумирање газирани пијалаци, а некои од нив имаат повреди на хранопроводот.

-Веројатно се работи за некои корозивни средства, а најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалак бидејќи самиот пијалак и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди, потенцираат оттаму.

Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, утринава за Н1 изјави дека денеска има „малку повеќе пациенти“.

Претходна вестДал две илјади евра не добил ништо, измамен гостиварец
Следна вестЗибери: Полицијата ги пречекорила овластувањата во „Идризово“