Во изминатите 24 часа најмногу дожд – 87 литри на квадратен метар наврна во Маврови Анови, по што следат Дебар со 65, Крива Паланка 57, Берово 40, Скопје – Петровец 33, Куманово, Ѓуриште и Попова Шапка 31, Струмица 24, Охрид и Крушево по 23, Скопје – Зајчев Рид 22, Тетово 18, Демир Капија, Гевгелија и Битола по 17, Штип 16, Прилеп 14, Претор 13, Велес 12, Виница10, Тополчани 9 и Дојран со 8 литри на квадратен метар, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Оттаму посочуваат дека во текот на ноќта времето беше облачно со врнежи од дожд, кои на повеќе места беа поројни проследени со грмежи и можна појава на град. Утрово е облачно со врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Според најавите од УХМР, времето денеска ќе биде облачно и посвежо со врнежи од дожд, наместа обилни од над 40 литри на квадратен метар.
Центар за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд создадоа проблеми во дел од западна Македонија, а особено во Дебар, каде има поплавени подруми, како и кај Долно Косоврасти.
-Поплавени се неколку подруми во населбата Венес 2 и во другиот дел од градот каде што на терен се излезени екипи од ЈП Стандард и пожарникарите од ТППЕ Дебар, но немало некои поголеми материјални штети. Од големите врнежи во атарот на село Долно Косоврасти реката којашто доаѓа од атарот на село Горно Косоврасти излегла од своето корито и го поплавила патот и блиската околина до течението со вода и со наноси од земјена и камена мешавина – лава/кал. На местото на настанот било веднаш интервенирано со градежна машина – булдожер од фирмата Кнауф Дебар и со приватни камиони, по што патот и коритото на реката се исчистени и патот бил повторно прооден, велат од ЦУК.