Во МВР детално ќе се истражат одредени сомнежи за полициската истрага за убиството на Вања и Панче

Детално да се истражат одделни сомнежи врзани со истрагата во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побарал техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Во синоќешното интервју за ТВ24 тој рече дека откако е министер дошол до одредени информации и сомнежи за тоа како се постапувало во случајот и дека поради тоа побарал дополнителна истрага.

-Побарав да се истражи во целост случајот и да ја затвориме таа тема еднаш, дали во рамките на полициските делувања на припадниците на Министерството било постапувано согласно процедури и стандарди или пак не. Ќе треба малку време да се истражат детално овие процеси. Таму има двајца луѓе, еден којшто сум го поставил јас и едниот кој што го поставил дополнителниот заменик. Јас не знам што ќе утврди внатрешната контрола. Но што и да утврди, веднаш штом јас ги добијам инофрмацииите ќе ги добие и јавноста. Ако било се во ред, да го затвориме тој сомнеж којшто го немам само јас, го имаат и други луѓе внатре во министерството, објасни Тошковски.

Тој не сакаше детално да зборува за тоа што ќе опафти дополнителната истрага.

-Не можам и не сакам да говорам во јавност работи кои што не се на одреден степен на основано сомнение, рече Тошковски

Министерот додаде дека е важно во случајот да биле испочитувани сите внатрешни процедури, а тоа ќе го проверат оние кои согласно систематизацијата и согласно правила на игра треба да го истражат тој случај и да испитаат чекор по чекор како е спроведена постапката.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември. Истрагата утврдила дека Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена. Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа до сега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања. Покрај Љупчо Палевски-Палчо кој е во екстрадиционен притвор во Турција и кој е првоосомничен, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување. Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ имаше бројни забелешки за начинот на којшто е водена истрагата за ова двојно убиство кое ја згрози македонската јавност. Партискиот лидер Христијан Мицкоски кон крајот на минатата година во едно телевизиско интервју рече дека „истрагата започнала предоцна и оти за случајот се реагирало ненавремено и дека имало недостатоци“. Во партиските соопштение посебно се потенцираше дека МВР на чело со Оливер Спасовски тогаш не распишало централна објава по возилото на убиениот Панче уште на 24-ти ноември. Доколку имало објава,  убијците на Панче ќе биле фатени уште истиот ден кога возилото првпат е регистрирано од камерите на „Безбеден град“ и до  убиството на Вања кое се случило на 27-ми ноември немало да дојде.

Претходна вестУкраина тврди дека го потопила рускиот десантен брод „Цезар Куников“ во Црното Море
Следна вестСвети Кирил не го плашеле клеветите на германските свештеници, ја создаваше првата словенска азбука врз јужномакедонските говори од солунско