Свети Кирил не го плашеле клеветите на германските свештеници, ја создаваше првата словенска азбука врз јужномакедонските говори од солунско

Пред 1.155 години, додека престојувал во Рим, каде со својот брат Методиј, биле примени со големи почести од папата Адријан II, Константин тешко се разболел. Претходно, папата Адријан ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. За време на болеста Константин како монах го добил името Кирил и по 50 денови починал на денешен ден 14 февруари 869 година.

Самиот папа Адриан го извршил погребот во црквата „Свети Климент Римски“ каде што неговото тело почива и денеска и е место на изразување на почит кон овој голем сесловенски просветител.

Свети Кирил Солунски или Константин Филозоф, роден во 826 година, заедно со својот брат Методиј се основоположници на словенската писменост и култура, и творци на првата словенска абука. Тој и неговиот постар брат Методиј, двајцата родени во Солун, преведуваа библиски текстови и книги од грчки јазик на дијалектот на солунските Македонци. Со тоа извојуваа и победа против, во тоа време многу силни застапници на тезата дека постојат само три “светски јазици” кои можат да се употребуваат при вршење на верските обреди: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот.

Со тоа на светската сцена почна да излегува и словенската писменост и култура.

Историјата забележала дека Св. Кирил и Св. Методиј се родени браќа од Солун, од угледно семејство, со татко Лав и мајка Марија. Токму родителите ги упатуваат своите деца во христијанството. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени, по што станал монах. Константин, пак, своето образование го усовршил во Цариград во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, астрономија, а ги научил и јазиците – латински, еврејски и сириски.

Подоцна, двајцата солунски браќа почнуваат да добиваат тешки и одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат другите народи на исток и север од Византија. Секако, клучна за нивната дејност била Моравската мисија.

Тогашниот кнез на Велика Моравија, Ростислав, испратил молба до византискиот цар Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивниот јазик за вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа.

За таа, но и за други потреби, по неколкугодишна дејност на браќата, а пред сè на Константин била создадена првата словенска азбука (855 г.), позната како глаголица. Во нејзината основа се поставени јужномакедонските говори од околината на градот Солун (од селата Сухо, Велика и Зарово). Со ова, глаголското писмо или глаголица е најстарата позната словенска азбука чие име доаѓа од старословенскиот збор глаголъ, што значи збор и која тогаш има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии.

И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието, односно, го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. Истовремено, тие избрале и достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија каде биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Германските свештеници ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија (исто така, словенско кнежевство), каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција, каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, така и на Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па, тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“, им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.

Потоа следувало доаѓањето во Рим и фаталното заболување. Но, споменот на сесловенскиот просветител не згаснал. Напротив, факелот што тој со разгоре со создавањето на првото словенско писмо гори и ден денешен…

Претходна вестВо МВР детално ќе се истражат одредени сомнежи за полициската истрага за убиството на Вања и Панче
Следна вестБиткоинот достигна вредност од над 50 илјади долари