Во писателското здружение имало жар, ама се разгоре на погрешно место

Подолг период македонскиот јазик е под удар и негирање од надвор. На тоа треба да одговориме сите во Македонија. И политиката и науката и граѓаните…

На ова треба силно да се дигнат и реагираат и македонските писатели и нивните здруженија. Неколкумина од писателите тоа и го прават.

Деновиве во Друштвото на писателите бајаги се распишаа неговите членови, покажаа дека во нив има жар, ама, по друга тема и повод. Имено, тешки зборови деновиве си разменуваат македонските писатели.

Претседателот на писателската организација, Христо Петрески, прво си поднесува неотповиклива оставка од „здравстевни причини“ откако осум члена на Претседателството на Друштвото на писатели на Македонија поднесоа оставки поради незадоволството од неговата работа, па се премисли. „Неотповикливата“ оставка е повлечена оти била само „поднесена“ на Фејсбук, а Петрески сега почна да обвинува дека му се вршеле притисоци, дека е под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашања за македонскиот јазик…

– Ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани. Во овој миг до ДПМ немам депонирано моја оставка, објави деновиве Петрески.

А опонентите од групата од околу четириесетина писатели продолжуваат со обвинувањата против него: дека го  приватизирал Друштвото, дека лошо раководи со него, дека не се одржувале седниците… Се бара и итно вонредно изборно собрание, избор на нов претседател на ДПМ, на Собранието, повлекување на Петрески.

-Не се понижувај повеќе Христо. Даде неотповиклива оставка и сочувај барем малку достоинство, остани си на зборот. Рече од здравствени причини, а сите знаеа дека причините се системски и врендосни. Ќе сочуваш барем малку почит ако не се фаќаш за функцијата претседател на ДПМ како сламка за спас. Сите македонски писатели бараат темелни промени на ДПМ и ваша оставка, порача академикот и писател Катица Ќулавкова.

Што ќе се случува натаму во писателскиот серијал останува да се види.

Но, уште поважно е да се види од писателското здружение ваков силен жар и при одбраната на македонскиот јазик, при одбраната на македонскиот национален и духовен идентитет, при наоѓањето нови и нови начини македонскиот збор да се слушне и прочита низ светот, при…

Писателите, секако, се значаен дел и еден од стожерите на чувањето на идентитетот и јазикот. Затоа, меѓусебните кавги треба да ги намалат, а да го зголемат славењето на македонскиот јазик.    

Фото: Фејсбук на ДПМ

Претходна вестАмериканец уби дете со палестинско потекло поради војната во Израел
Следна вестСинот и зетот на Ердоган на протестите за поддршка на Хамас во Истанбул