Во прекин е и единствениот воз кој се сообраќа на релација Битола-Скопје. Прекинот како што информираат од Македонски железници е поради запалени прагови на пруга помеѓу Слепче и Браилово.
– Причина било запалено стрниште покрај пругата кое се проширило и запалило и прагови на пругата, поради што железничкиот сообраќај е во прекин. Се работи на повторно оспособување на пругата, информираат од Железничката станица во Велес.
Дека имало пожар потврдуваат и од Центарот за управување со кризи.
– Вчера попладне била запалена ниска вегетација по што се запалиле и прагови на пругата помеѓу селата Слепче и Браилово, прилепско.Со брза и ефикасна интервенција на пожарникарите од ТППЕ Прилеп пожарот синоќа бил изгаснат, информираат од ЦУК.
Ова е третпат за месец и половина во прекин да биде возот на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно.
Воедно, од 25 октомври со одлука на МЖ Транспорт наместо три сообраќа само еден воз на релација Битола-Прилеп-Велес-Скопје и обратно. Ваквата мерка предизвика револт кај граѓаните кои го користат железничкиот сообраќај, кој воедно е и најевтин.