Скопски ФК Работнички постигна голема победа против ФК Вардар. Семафорот на големиот градски стадион на крајот од натпреварот во 27. коло од Првата македонска фудбалска лига покажа 2 – 0.
Со оваа победа „романтичарите“ стекнаа добра позиција во битката за опстанок во елитното друштво. Кај Вардар ситуацијата е малку потешка.
Првото полувреме помина без возбудувања и вистински акции за што можеби беше виновно и врелото сонце (натпреварот почна во 15 часот), но во вториот дел фудбалерите покажаа поголем квалитет и ангажираност. Во тимот на Работнички живост – поврзаност внесе и младиот Димитар Тодоровски кој како замена влезе на теренот. Не се чекаше многу и овој македонски талент го даде првиот гол на натпреварот во 75-тата мунута.
Вардарци се трудеа да изедначат, но се чини немаа доволно сила и тактика за тоа. Едноставно, кај најтрофејниот македонски фудбалски клуб на висина на задачата беа само навивачите, популарните „Комити“. Тие исполнија голем дел од Западна трибина и во познатиот свој навивачки стил го држеа во „ритам“ целиот натпревар. Комитите беа во голем број и покажаа како се сака својот клуб, како се навива за него и кога не му оди на теренот и како се прави атмосфера која е вообичаена за големите клубови во Европа.
Сепак, тоа на теренот не помогна. Пред самиот крај на натпреварот Вардар прими уште еден гол од Работнички.
И покрај поразот Вардар се наоѓа на првото безбедно место во вториот дел од табелата, но допрва му следат мечевите со конкурентите за опстанок во првата лига.