Опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи денеска на нови злоупотреби од страна на власта. Овој пат беше посочена ДУИ.
-Државната лотарија водена од Перпарим Бајрами, пулен на Артан Груби само во јануари и дала неверојатни 12 милиони евра за терминали за приредување игри на среќа, 12 милиони евра за апарати за коцкање, рече денеска на прес – конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој тврди дека „екс- шефот на кабинет на Груби, сега директор на Државна лотарија, на 4 јануари дава над 6 милиони евра за апарати за коцкање, на 11 јануари 11 милиони и 200 илјади евра, на 18ти јануари над 3.5 милиони евра за апарати за коцкање, или вкупно 12 милиони евра од 4 јануари до 18ти јануари! Во само две недели лотарија на пријателот на Груби дал 12 милиони евра за апарати за коцкање.
Стоилковски за овие случувања ја обвини и владејачката СДСМ, која е во коалиција со ДУИ.
-Ова е резултат на молкот на институциите, ова е резултат на наведнатата глава на СДС, ова е резултат на разузданоста, неодговорноста, замислената недопирливост на Артан Груби и на ДУИ. Половина година предупредуваме на огромни скандали поврзани со Државна лотарија, со Перпарим Бајрами, со Управниот одбор на Лотарија, и вмешаност на Артан Груби и на ДУИ во тоа. СДС и ДУИ, кратат плати под минималец во ФЗОМ, не даваат стипендии на студентите, немаат пари за земјоделците, СДС и ДУИ ги качија сметките за струја, ама затоа за две недели во јануари СДС и ДУИ имаат 12 милиони евра за апарати за коцкање, за Перпарим Бајрами и Артан Груби да се среќни! 12 милиони евра во јануари за апарати за коцкање, се резултат на молкот на институциите и на СДС пред фактите кога уште во октомври посочувавме на насилство озаконето со потпис на Груби, за отворање нови коцкарници, рече Стоилковски.