Во Штип и Битола комеморации по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи

Во рамки на Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи, во Штип денеска ќе се реализираат повеќе активности. Во Советот на Градот ќе се одржи комеморативна програма на која ќе се обрати градоначалникот Иван Јорданов, а потоа следува „Поворката на живите“ – од Општина Штип до Споменикот на депортираните Евреи каде ќе биде положено цвеќе. Програмата звршува со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народен театар Штип.

Во Битола ќе продолжат активностите за оддавање почит кои почнаа вчера. Пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара ќе биде положено цвеќе, а потоа следува „Поворка на живите“ од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица. Ќе се положи цвеќе на Споменикот на жртвите на Холокаустот од Битола.

Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје, со оддавање почит пред Споменикот на 7.144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол. Обраќање ќе имаат претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви, претседателот на техничката Влада, Талат Џафери и амбасадорката на Израел Симона Франкел. Потоа ќе се оддаде почит на Могилата на депортираните Евреи од Македонија и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на градските гробишта „Бутел“.

Комеморативните активности по повод 81 година од депортацијата на македонските Евреи од страна на бугарските окупаторски сили ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на која ќе се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и специјалниот преставник на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија Сарацин.

Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Активностите почнаа вчера во Битола, со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар.

За потсетување: На 11.03.1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во „логорот на смртта“ – Треблинка што е и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот според бројот на население (98 отсто).

Евреите од Битола и од Штип биле собрани од нивните домови и затворени во Монополот – фабриката за тутун во Скопје, по што следела депортација. 7144 луѓе биле натрупани во Монополот без доволно храна, вода и хигиенски услови. Бугарските стражари сето тоа грубо го надгледувале. Многу мал број Евреи успеале да избегаат. Околу 165 лекари и странски државјани биле пуштени на слобода.

Во низа од три транспорти, кои започнале на 22.03.1943 година, бугарските окупаторски сили натовариле 7144 Евреи во добиточни вагони и ги придружувале до Лапово, каде требало да им бидат предадени на германските нацисти. По шест дена патување во нечовечки услови, Евреите пристигнале во Треблинка. Сите биле веднаш убиени во гасните комори во логорот.

Претходна вестПијан радовишанец нападнал полицајци на сред полициска станица
Следна вестДенеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“