За Милан Ѓорѓевиќ, свештеник и универзитетски професор, сам по себе, растот на еден град не би требало да претставува проблем. Но…
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
–Луѓето и нивните градови постојат во времето. Природно е да се менуваат и едните и другите. Јас сега, во четвртата деценија од животот, не би можел да се замислам себеси да живеам во Скопје од 90-те. Веројатно, ни како тинејџер кој растел пред 2-3 децении не би бил задоволен од сегашниот облик и ритам на градот. Кога луѓе со носталгија зборуваат за тоа како било „во нивно време“, тие забораваат на фактот дека покрај градот и самите тие се промениле.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
–Верувам дека има простор за подобрувања, особено во граничната област меѓу верата и културата. Во многу градови во западна Европа се поддржуваат ваков вид проекти, кои може да вклучуваат најразлични содржини, почнувајќи од предавања, дискусии и дебати, преку изложби и перформанси, па сѐ до концерти на духовна музика. Пример за тоа се Христијанскиот философски форум и Форумот “Philosophia Christiana”,
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
–Давањето претпоставува личносен однос, а градот е простор во кој живеат конкретни личности, заемно општат и споделуваат. Давањето никогаш не е еднонасочно. Еден уличен музичар му дава на градот звук, хармонија и ритам, но и луѓето што слушаат му даваат на музичарот смисла и задоволство од она што го прави. Лично, се трудам со луѓето од мојот град да споделам толку многу нешта што мислам дека еден животен век е прекраток за тоа.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
–Со луѓето. Со оние прекрасни луѓе што го сакаат и почитуваат овој град, што ги почитуваат претходните генерации, како и генерациите што доаѓаат, и се трудат низ дијалог со нив да продолжат понатаму спонтано и креативно да го обликуваат низ времето. Ако треба да конкретизирам, ме радува младата генерација – особено во доменот алтернативната културна и музичка сцена, која ја следам речиси три децении. Оваа културно-возрасна група е особено отпорна на конформизмот и сеопштата апатичност кој владее со нашето општество. Во средина и време, во кои загрижувачки многу луѓе имаат губитнички или банален однос кон животот, тие успеваат да се инспирираат, да творат и да градат. Тоа е голема надеж.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
–Сам по себе, растот на еден град не би требало да претставува проблем. Спорни се две нешта поврзани со тој раст. Прво, тоа е отсуството на урбана визија за Скопје како голем град. Скопје тоне во консумеризам од најлош вид – сѐ се конвертира добивка, секој квадратен метар треба да се искористи за заработка. Вториот проблем е што Скопје расте за сметка на другите градови во Македонија. Некои градови буквално изумираат затоа што младите семејства во голем број се иселуваат од нив. Би сакал секој град во Македонија да има услови да ја гради и развива својата посебна урбана култура. Во Скопје може да биде навистина добро, само ако е добро и во Битола, Гостивар, Кратово или Крушево.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
–Ни недостасува визија за градот како заеднички духовен и културен простор. Со еден збор, ни недостасува урбана традиција. Потребно е односот кон градот да биде втемелен врз вредности, а не врз интереси. Потребно ни е духовно преосмислување на сопственото место и улога во светот во кој живееме. Без смисла нема ниту вредности. Без смисла имаме само див консумеризам.
Во какво Скопје сакате да живеете?
-Би сакал да живеам во Скопје со доволно силна и стабилна урбана традиција, втемелена врз вредности, а не врз стихијата на моменталните интереси. Во град со духовен и културен интегритет, град во кој луѓето живеат со смисла, во кој луѓето ја наоѓаат верата наместо да ја загубат. Во град што споделува, а не собира само за себе. Во град на солидарноста, кој ќе придонесува за градењето на урбаната култура на Македонија како цело. Во Скопје во кое ќе се познаваме едни со други, во кој нема да бидеме оттуѓени – во отворен, жив и воспитан град. Во слободна и динамична метропола, која инспирира и поттикнува, во која секој има можност и поддршка да се реализира себеси и тој дух да им го пренесе на генерациите што доаѓаат.