Во скопските ковид центри 98 слободни места

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 98 слободни места, соопшти денеска Министерството за здравство. Во информацијата се додава дека се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

-Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 34 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, а во моментов вкупно 338 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, наведува Министерството.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 13 приеми и тоа  по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за уво нос и грло и на Очната клиника, по тројца болни на Клиниката за дерматологија, на Клиниката за Неврологија и на Институтот за ТБЦ. Двајца пациенти се примени Клиниката за нефрологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 10 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 38 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 18 пациенти, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 25 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 20 пациент, на Клиниката за очни болести 4 пациенти, а на ОРЛ 17 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 18 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 102 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 92 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 18 пациенти.9

Претходна вестПриведен еден од насилниците во автобус на ЈСП
Следна вестТројца повредени во сообраќајката на булеварот „АСНОМ“