Утрово во 7 часот во Србија почнаа републичките, покраинските и 65 општински и градски избори, меѓу кои и во Белград. Своето право на глас можат да го остварат 6.500.666 запишани избирачи на 8.273 избирачки места.
Избирачките места се затвораат во 20:00 часот, до кога трае изборниот молк.
За парламентарните избори беа објавени 18 листи, а носители се: еден претседател, двајца министри и шеснаесет партиски лидери. Списоците ги утврди Републичката изборна комисија (РИК) на 1 декември, а за 250 пратенички места беа предложени дури 2.817 кандидати. Списокот за белградските избори е се поскромен, има 14 листи, додека во Војводина ќе има 13.
На 18 листи за парламентарни избори има 2.817 кандидати, а Собранието на Србија има 250 пратенички места. Цензусот на републичко, покраинско и локално ниво е 3 проценти, при што пресметките покажуваат дека за влез во парламентот со излезност од 56-57% потребни се 110.000 гласови.
Собранието на град Белград има 110 одборници кои ќе избираат нов градоначалник. На изборите во Белград во игра се 996 кандидати за одборник. За изборите во Белград беа пријавени 14 изборни листи.
Изборите во Србија ќе ги следат 5.587 домашни и странски набљудувачи, меѓу кои девет домашни здруженија и 25 меѓународни организации и странски држави, што е рекорден број на локални и странски набљудувачи.Изборите ќе ги надгледува и набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), која, како што претходно беше најавено, вклучува 250 набљудувачи кои се задолжени за надзор на активностите на денот на изборите, додека 30 долгорочни набљудувачи го следи целиот изборен процес во државата.
Освен тоа, изборите во Србија ќе ги следи и Меѓународната фондација за изборни системи, потоа Парламентарното собрание на ОБСЕ, со околу 75 набљудувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Делегацијата на Европската унија во Србија, Европскиот парламент, потоа амбасадите на Норвешка, Швајцарија и Холандија.
Сите набљудувачи ќе имаат можност да ги додадат своите коментари за сите забележани нерегуларности во записникот за набљудување избори по избирачки места.