Од 27 до 31 октомври во Македонија се одржува шестиот по ред Меѓународен филмски фестивал „Киненова“. Се отвора во киното Милениум, со филмот кој победи на фестивалот „Карлови Вари“, „As far as I can walk“ или со оригинален наслов (бидејќи е српски филм) „Страхиња Бановиќ“.
Отворањето е во Милениум, но останатите филмови ќе се прикажуваат во Кинотеката на Македонија.
Жири комисијата на фестивалот е составена од бугарскиот режисер Петар Валчанов, филмската критичарка Зане Балчус од Латвија и директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов.
Валчанов заедно со Кристина Грозева, е ко-сценарист, ко-режиер и ко-продуцент на филмовите „Скок“, „Лекција“, „Слава“ и „Таткото“. Нивните филмови освоија награди во Сан Себастијан, Карлови Вари, Токио, Локарно, Варшава, Гетеборг, Единбург, Киненова Скопје и други фестивали.
Балчус е истражувач, кустос, хонорарен филмски критичар и шеф на Балтичкиот форум за документарни филмови во Рига, Латвија (од 2019 година). Таа била директорка на Филмскиот музеј во Рига од 2014-2019 година, кустос во истиот музеј од 2010-2014 година, а има работено и како селектор на Меѓународниот филмски фестивал „Arsenals“ во Рига од 2000-2005 година.
Ангелов продуцент, филмолог и актуелен директор на Кинотеката на Македонија. Од 1995 година до денес работи во Кинотеката. На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во периодот од 1948 до 1953 година. По соработката со Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Скопскиот филмски фестивал, Ангелов беше поканет како член на жирито и на Watch Out Film Festival во 2016 година, како и на првиот филмски проект. Од 1995 година Ангелов објавува и пишува за „Кинопис“.